Годинава што изминува дефинитивно важи за црна година во големата фудбалска земја која за околу шест месеци ќе го собере целиот светски фудбалски крем. Податоците во Бразил покажуваат дека во 2013 година се забележани 30 инциденти во фудбалот кои завршиле со фатални последици.
Последниот се случи овој викенд во кој сезоната во бразилското првенство заврши неславно со жесток судир помеѓу навивачите на Васко де Гама и Атлетико Параненсе. ФИФА и земјата домаќин жалат што се случија и тоа токму два дена во извлекувањето на групите, но велат дека такви сцени ќе нема наредното лето.
„Ви гарантирам дека инциденти како оние кои ги видовме овој викенд во Бразил нема да има за време на Светското првенство. На стадионите ќе има најмалку по 200 камери со кои ќе се следи се што се случува, и тоа што би се случило вчера нема да се случи денес", велат организаторите.
Владата на Бразил и ФИФА се едногласни дека сите 12 модерни стадиони ќе бидат максимално обезбедувани и во внатрешните и во надворешните делови, а концептот за целосното обезбедување на секој посетител велат дека веќе го докажале на Купот на Конфедерации оваа година.
Социологот Маурицио Мурад од Рио де Жанеиро напишал книга за насилството на стадионите, а големиот број на тепачки поврзани со најважната споредна работа во светот го загрижува многу.
„Во последните 5-6 години насилството на стадионите во Бразил беше под контрола, но затоа беше многу лошо по завршувањето на натпреварите. Она што го гледам во последно време е враќање на групните тепачки повторно за време на натпреварите", објаснува Мурад.
Во скапата безбедносна стратегија на Бразил ќе има и центар за координација меѓу војската, полицијата и приватните безбедносни агенции, а нивната работа се надеваме дека ќе донесе резултати и ќе го намали тоа што се случуваше во последните 25 години.
Според најпродаваниот бразилски дневен весник „Ленс" од 1988 година па до денес има вкупно 234 жртви кои загинале во инциденти поврзани со фудбалот.