Употребата на роботи кои ќе бидат задолжени да ловат експлозиви за време на Мундијалот во Бразил беше само мала најава за безбедноста во оваа земја, каде по повеќе од половина век повторно ќе се игра Светско првенство.
Бразилците очигледно стравуваат од разен криминал, инциденти и напади за време на првенството, па така министерството за одбрана најавува многу операции, како онаа за спречување на наркомафијата која е многу добро позната и распространета на јужноамериканскиот континент.
За безбедноста на стадионите веќе пишувавме дека ќе се контролира со роботи, но ќе има и летечко надгледување, како и специјални мерки според кои ќе биде забрането доближување до нив еден час пред и четири часа по завршувањето на натпреварите.
Домаќинот на најголемиот континентален собир прави разни обуки и вежби за зајакнување на безбедноста, а поголема контрола на земјата ќе се обиде да има со нова сателитска методологија, како и изградба на центар за координација меѓу војската, полицијата и приватните безбедносни агенции.
Бразил ќе внимава и ќе се штити почнувајќи од поморските бази, па се до воздушните линии од евентуални терористички напади од секаков вид, па дури и од оние со најнепосакуваното хемиско или нуклеарно оружје.
За да се избегнат било какви трагедии во секој од 12-те градови во кои ќе се одиграат 64 натпревари ќе бидат ангажирани по 1.400 војници, а за целосната безбедност ќе бидат потрошени речиси 600 милиони евра.
Пред неколку дена двајца градежници го загубија животот за време на градењето на арената Коринтијас во Сан Паоло, но Бразилската Фудбалската федерација гарантира дека не постојат ризици околу безбедноста на работниците.
Првичниот рок за изградба на сите стадиони беше 31 декември, но ФИФА го продолжи рокот, а домаќинот пак бајаги го зголеми буџетот. Во 2007 година беше предвидено дека ќе изнесува 700 милиони евра, а денеска тој рипна до 3,2 милијарди евра за изградба на сите стадиони.