15 минутен молк во Берлин како борба против модерниот фудбал

Навивачите на второлигашот Унион Берлин нема да навиваат во првите 15 минути на дуелот против Лајпциг во петок, затоа што спонзорот на Лајпциг не ја почитува фудбалската култура и се расфрла со пари.

Спонзорот на РБ Лајпциг, компанијата Ред Бул купи неколку познати играчи од Бундеслигата кои решија да играат во понизок ранг за повеќе пари. Тоа им засмета на конкурентите од Цвајта.
 
Навивачите на второлигашот Унион Берлин планираат 15-минутен молк во знак на протест поради нерамноправното трошење пари од страна на Лајпциг.
 
Клубот спонзориран од Ред Бул од 2009. година до лани се искачи од петтата до втората лига со три промоции во пет сезони. Во текот на преодниот рок Лајпциг се најде на насловните страни на сите весници, откако го купи големиот талент на германскиот фудбал, 20-годишниот Дејви Селке од Вердер Бремен. Селке во Лајпциг ќе заработа неколку милиони евра за повеќе годишен договор.
 
Поради правилата на германскиот фудбал, тимот не може да се вика Ред Бул Лајпциг и официјално се познати како РасенБалспорт Лајпциг или РБ Лајпциг.
„Лајпциг уште еднаш потроши куп пари на нови играчи, истите оние кои имаа понуди од бундеслигашите. Нивните финансиски можности изгледаат бескоечни“, стои во отвореното писмо на навивачите на Унион Берлин.
Тие се решени да се борат против модерниот фудбал каде нема место за финансиски слабите клубови.
„Ќе се бориме за да ја заштитиме фудбалската култура што е можно подолго. Чисти маркетиншки инструменти како РасенБалспорт никогаш нема да бидат дел од таа култура и затоа ние повикуваме на 15-минутен молк“, пишува во писмото на Scene Koepenick.
Лајпциг е еден од останатите клубови кои се водени од познатата компанија Ред Бул. Останатите се Салцбург, Њујорк и еден во Бразил.
26 август 2015 - 14:23