Off Topic

Лесни пари за лесни луѓе

Овде луѓе се заглавени по кладилници и мања-веча, но, во светот, главен муабет за комарџиски рефлекси се таканаречените пазари за предвидување во кои се влезени големи пари и бизнис империи (Трампови и други). Најголем меѓу нив е Полимаркет, бизнис проценет на 15 милијарди долари. Анализирале 1.100 видеа за да докажат дека за да с'скаат народ, Полимаркет плаќа за видеа со фејк добивки.

Екс Југославија како расадник за Светско

Иако просторите на поранешна Југославија имаат население кое изнесува само 0,2 проценти од светската популација, фудбалерите со етничко потекло од овие краишта прават 7,6% од играчите на Светското првенство во фудбал 2026 година и играат во дури 28% од присутните репрезентации.

Кога државник си ја почитува земјата, и империите знаат да се повлечат

Да ви раскажеме една епизода од богатиот политички и државнички живот на Ли Куан Ју, човекот кој се смета за татко на модерниот Сингапур која објаснува зошто тој се смета за еден од најголемите државници во 20-тот век. Личниот интегритет на еден лидер не е само квалитет кој важи за него, тоа е и капитал кој тој го вложува во градењето доверба и долгорочна успешност на една нација.  

Што се мисли таа Каталонија?

Во Каталонија (формално, Шпанија) некој продава имот со куќа, лозје и пар дребулии. Цената е мрсничка, 825.000 евра, но, почекајте ви кажеме што сè следува во таа цена па подоцна сами направете споредба со цените во Скопје и другите наши „велелепни“ средини.

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Комбинирани светови

Човекот е креативен директор во маркетинг агенција, па целиот проект го има крстено доволно самообјаснувачки да не мора ние ништо да дополнуваме - Combophotos.

Забавно како јапонски забавен парк

Ти, мечка и кутија од издржлив плексиглас. Забавата е што не знаеш колку е издржлив плексигласот.

Врска од 3 месеци vs. врска од 3 години

Без разлика по која основа е врската, работа, љубов, другарство...

Долга е раката на таткото

Пред полнолетство (а и малку потоа) стравот да те фати полиција дека возиш пијан и без дозвола, е далеку подобрата варијанта во споредба со стравот да те фати татко ти во исти околности. А ќе те фати.

10-ка од Двајт

Иако последната епизода се емитуваше пред речиси 2 години, Двајт од Офис останува еден од најтоплите и најмилите ликови што се појавиле на телевизија... под услов конкуренција да му е гипс картон.

Тетка се од хемотерапија делеше

Постара госпоѓа на зафрканција и кажува на својата внука дека по завршувањето на последната хемотерапија, би сакала пред болница да ја дочека оркестар. Внуката ова не го сфаќа на шала.

Почитта од шамарот е излезена

Школо ко школо, двајца морони што седат позади тебе ти маваат дебели заушки колку да им пројде време на час. По ова следува пресвртот од секој акционен филм од 80-те.

Другарство

Две мечки од кучиња, коњи, едно дете и мајка со фотоапарат.

12-годишен елемент

Девојче од Ерменија на локален Идол / Фактор натпревар, во живо ја пее Плава Лагуна од 5-от Елемент. Од извори што знаат што зборуваат на темава, запрепастено ни го доловија подвигот со следното објаснување: " - паааа... знаеш ова колку е тешко?"

Приказна за храната што не ја јадеме (фрламе)

Последно што пишувавме за темава беше пред неколку недели, кога го објавивме видеото и репортажата на американскиот ПБС. Истото ова видео е дел од воведот на Џон Оливер, па потоа надоградува на темата. На пример, праска од класа 2 (пониска класа која се стекнува чисто заради визуелни причини, а не хранливи) вреди само една третина од цената на праска од класа 1. Само по себе ова е доволно да не се исплати да ја собираш и да ја оставиш да скапе. Па има за супермаркетите, за датумот на траење...

За враќањето

Едно крајно мотивирачко видео посветено на сите ситуации во животот кога си паднал и кога требало да се вратиш. Ние имаме далеку пократкорочни цели и амбиции, па видеово го посветуваме на сите што се заглавени во летнава горештина - ќе има пиво, ќе има таратор, ќе има лубеница... бирај што ќе те води. Само замени "живот" со "лето" и издржувај.

Што е љубов?

Одговараат 100 сосема различни луѓе, на возраст од 0 до 100 години, со тоа што немаат никој на 100 години, туку имаат еден дедо на 105 години. Заклучокот од 100-те одговори? Секој со својата љубов.

Кралот на сланината

Алан Бентон од 1973-та е сопственик на Benton's Smoky Mountain Country Hams, компанијата која од 1947-ма ја прави најдобрата сланина во САД. Ако ви требаат уште референции за да го изгледате видеово, воопшто немој ни да се мачите да го гледате.

14 работи што милион пат ќе му ги кажете на вашето дете

Искуството е од татко на 3 деца кои никогаш ништо не слушаат, ама се колне дека еден ден ќе почнат да слушаат. До тогаш работите стојат вака: 

Манипулација на разединетите нации

Дамир Никшиќ за тоа што се случи на годишницата во Сребреница:
- затуцана земја
- планета мајмуна
- корида направија од Поточари
- мајмуне!
- кардашиш, кардашиш, кардашиш... прекардашиш

Не суди по амбалажи?

Во една од највпечатливите презентации на моќ во последно време, мега-корпорациите го тргаат своето име од пакувањата на производите, и оставаат некоја минимална контура или боја од логото и пакувањето, која пак успева кај вас да ги активира потребните букмаркси. За да не биде само чаталење, Кока-кола додава и малку човечност во пораката - да ги тргнеме етикетите.

Шаховската табла на Александар

Директно од Пирава, валандовско, стигнува идеја која треба да го продолжи сонот на Александар Македонски, да го обедини светот (јер ние Македонците одамна сме обединети уздуж и попреко па ќе го учиме светот на таа вредност). Енивеј, фина, приватна идеја на луѓе кои уште мозгаат и се надеваат.

Улично насилство Канада

Сцената е и онака вознемирувачка заради насилната пресметка меѓу двајцата возачи, меѓутоа достигнува нови нивоа на бруталност во моментот кога полицијата се вмешува за да го реши конфликтот.

Кога 50 центи значеше пари

Во најтешките моменти од поновата финансиска историја на Фифти сентс, малку да го развеселиме со потсетување на едно видео во кое тој детално објаснува и покажува како се пакуваат 2 милиона долари во багажникот од неговото Ламборџини Мурселаго.

Безделничење за вас прекрасни луѓе

Затоа што веќе никој не сурфа на интернет, туку само отвора Фејсбук / апликации, фино е од време на време да се освежиме со вакви листи што ќе потсетат на меракот на наоѓање на нова веб-страна.

Исповеди на макро

Новозеланѓанец што изгледа како да влегол на саем за стероиди и го затворил, после плодна кариера како сопственик на барови и дискотеки во Австралија, се сели во Тајланд. Таму се зафаќа со поперсонализиран бизнис, базиран на претплата (15 долари неделно).

Мајсторството пред Фотошоп

Во чест на 25 години од Фотошоп, еве како се работела графика пред да постои Фотошоп. Ако заради некаков невиден космички внатрешен мир до сега не ти дошло да им удриш глава на денешниве мрзи од дизајнери што под око те гледаат што си им рекол да пробаат нов фонт, после видеово на памет ќе ти дојдат збирка дела од Црвени Кмери, мексикански нарко босови и африкански диктатори.

Еве како ќе изгледа вашата кујна во 2025

The Concept Kitchen 2025 е проект со кој Икеа настапува на саемот ЕКСПО во Милано, којшто се одржува од 1 мај до 31 октомври 2015. Тој тематски е посветен на храната, стимулирајќи креативност и иновации за одржлива иднина, што е поентата и на оваа кујна.