Off Topic

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Изјава на еден воен злосторник

Бен Гвир и Смотрич важат за најрадикалните министри во владата на Нетанјаху (не дека другите се нешто многу поумеерни, види како размислува министерката за социјална еднаквост). Бен Гвир го знаеме како тормозеше луѓе од флотилата за Газа (овде), отвораше шампањ и носеше значка во облик на бесилка кога се воведе смртна казна за Палестинци (овде), повикуваше Евреи да го населат јужен Либан (овде)...

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

До размазувањето и по него

Сè тоа е слатко и убаво кога како гест на бескрајна милост кон своето дете решаваш да истетовираш тетоважа што тој / таа ја нацртало. Проблемот е кога по вакво нешто на истото ова дете треба да му се истопориш како авторитет и да му кажеш - изеди тоа грашокот.

Правила за справување со руски падобранци

Прво правило: Избегнувај руски падобранци на Денот на падобранецот.

Второ правило: Ако на Денот на падобранецот налеташ на руски падобранец, прочитај го првото правило.

Кога пијаниот ќе си најде банкомат

Едно фино ниво на пијанство е, да речеме, кога нема да влезеш на утакмица на Сан Сиро пошто ти увалиле фалц карта, па се олешиш заради тоа па таков размонтиран влезеш во миланско такси и на шоферот му кажеш: „Вози до Драмски“. Ова нема везе со тоа, ама за слични промили се работи.

Животни лекции од Алан Форд

Компилација мисли (спремни за твитови, мемиња, статуси) од Алан Форд, Боб Рок, Грунф и останато друштво. За тие што не знаат, автори на Алан Форд се Макс Бункер (пишува) и Магнус (црта), и сето ова се случува во Њујорк (и како може да си дозволите тек сега да се запознавате со материјалот?).

Што ако Епл беше држава

Државата ќе има 116 илјади жители (бројот на вработени на Епл), а по приходи ќе биде нешто подобра од БДП-то на Виетнам (203 милијарди долари). По оваа математика секој од овие 116 илјади инстантно ќе добие чек од 380.000 долари.

Мезето обединува

Единствен момент кога ајкула не е заинтересирана да изеде фока или туна, е кога сите три му се намерачени на многу поситен и помалку проблематичен плен. Дури и на китот не му пречи да се вклучи во вака нефер разнебитувањето на јато сардини.

Пешачење сред небо

Не е вест кога ќе се отвори 500 метри долг мост. Вест е кога ќе се отвори 500 метри долг висечки мост, на 85 метри над земја и кој може да се пројде само пешки. Моментално ова е најдолгиот пешачки мост на светот и се наоѓа во близина на швајцарски Цермат.

Сите с(м)е исти

Националната припадност кај човек создава една варлива самоувереност која најчесто непроверено седи на ставот дека си 100% чист Македонец, Србин, Исланѓанин, Курд, Бразилец или што и да е. И сето тоа одлично те служи затоа што таа непровероност беспрекорно ти помага во формирање на своите глупи омрази кон другите (не дека ако си со докажано потекло имаш оправдание за својата омраза). Да се разбереме, ништо не е 100% и ништо не е така чисто. И тоа не е лошо.

Хајлајтс од првиот Дрим тим

Не сте вие стари, ама Дрим тимот наполни 25 години. Во негова чест ФИБА објави компилација од најдобрите моменти од првиот натпревар на првиот Дрим тим. Потсетување како изгледаше неговиот состав: Џордан, Меџик, Бирд, Јуинг, Баркли, Мелоун, Стоктон, Пипен, Робинсон, Малин, Дрекслер.

Драчевски "Брејкинг бед"

Царина / полиција запленува пратка кромид полн со дрога. Прво прашање: како воопшто на некој му текнало ова? Второ, подеднакво важно, прашање: како некој воопшто го извел ова? Бонус: како ги фатиле (ако не се искодошени)?

Готвиме со Јапонки

Рецептот е за ракчиња, состојките ги имате внатре, времето за готвење е 3 секунди. Во овие 3 секунди е целата јапонштина што може да собере една реклама.

Технологија, затоа што домашното воспитување не успеа

Не можејќи да го трпат отпадот што им се лепи по раце, нозе и даски за сурфање, двајца сурфери седнуваат и изработуваат автоматска канта за чистење ѓубре од море / океан. Е сега, кога момциве би направиле исти вакви канти што ќе можеме да ги пуштиме по копно и да жнеат ѓубре во Градски парк, на кеј, на кеј ГТЦ, на Водно, на булевар, покрај пат на семафорите пред Стража, на автобуска, сме решиле 7 од бескрајната низа начини на кои успеваме да ја изгнасиме околината во која живееме.

Момците што ги измислија сите здрави јадења во последнава деценија

Ок, целиот скеч е пародија, ама може да пројде само затоа што целата индустрија за супер-лековити-магично-здрави јадења е смешка (што заработува милијарди долари годишно).

Една изгужвана снимка од Скопје по земјотресот

Во катастрофата загинуваат од 1000 до 1100 луѓе, а паралелно со нив најголема нечовечка жртва е старо Скопје. Инаку станува збор за приватно видео снимено вон сите тогашни телевизиски репортажи (аудиото е подоцна додадено).

Како изгледа кога ќе ти успее сè што си замислил (на билјард)

Магичноста на ова што ќе го направи играчов најдобро е доловена од коментаторот на натпреварот: "Може да се убијам ако мене некој ми го направи ова."

Видео што нема да ви одмогне во живот

Да не бидеме премногу амбициозни дека ова нешто сериозно ќе ви смени во живот. Ваше е кога ќе решите да го послушате и практикувате ова што ви го кажува, негово е да ви каже 5 фори за чистење кујна. Пред употреба, да се купи многу оцет, сода бикарбона и лимон.

Битката за Мосул во 82 секунди

Тоа што видеото е направено така чисто и педантно, без капка крв, болка и човечко страдање, совршено ја покажува перспективата на војната на оние што командуваат во нејзе, а не на оние што ја водат на терен. Ова парче од историјата на Мосул започнува во 2014 кога ИСИС го освојува градот.

Билдерите на Гана

Дечкиве (@kulbila_fitness) не се некои посебно добри фотографи, туку имаат плац со тегови и вежбаат, и толку (ок, сигурно и кркаат нешто по пат). Целиот профил и нивните резултати се едно масовно резилење на секој еден билдер што се пали на опрема, услови и можности за вежбање. Просто е, мускули не растат од држење Техноџим (и слично не толку познати а извикани брендови), растат од вежбање. Па кој сака, шипка во рака, белки и ориз во кујна, и вежбај. За сега имаат 157.000 следбеници на Инстаграм.

Каде е твојата друга страна на светот?

Каде ќе се најдеш ако ископаш дупка низ Земјата и излезеш на сосема другата страна на планетава. Ако си во Македонија и остатокот од Балканот, од другата страна те чека една недогледна океанска пустелија.

Како тоа мислиш ни снемува песок?

Ни снемува од песокот за градење, од тој бескорисниот, пустински, имаме колку сакаш. Пустинскиот е неупотреблив затоа што е премногу ситен, па од овие причини Дубаи целиот песок за изградба на Бурџ Калифа го увезува од Австралија.

Некому лав, некому зајак

Јапонци исфрлуваат забавна емисија во која натпреварувачот не треба да направи ништо освен - да пипне лав. Кај нас на ТВ максимум зајак се има појавено ама кај нас па задачата на водителот е малку поинаква.

Како Африка превоспитува силувачи

Правната држава му покажува на дечкото дека онаа неиздржлива тежина што ја осеќал во пределот на препоните пред да проба да силува девојка, и не е најголемата тежина која тој предел ќе ја почувствува во неговиот живот. Погодете за што му се обесени оние камења?

Збогување со Честер Бенингтон

Пред два месеца, Шинода и Фарел од Линкин парк во интервју објаснуваат дека Честер сериозно и длабоко е погоден од самоубиството на Крис Корнел. Ноќеска, 41-годишниот рокер изврши самоубиство. Ова е последниот поздрав со него на неколку колеги музичари.

Штетноста на бесплатниот паркинг

Иако добро за тебе ако си дојден со кола, за градот и населбата во која се наоѓа, урбанистички не е ни приближно до добро. Парадоксот е што паркингот зафаќа претерано многу простор, заради што ги оддалечува објектите, и ова паѓа на сметка на пешачењето кое се заменува со возење, заради што пак требаат повеќе коли и повеќе паркинг. П.С. Тоа што некаде не плаќаш паркинг не значи дека е бесплатен, само дека ти е вметнат во цената на работите што таму ги купуваш или плаќаш (кафе, супермаркет, кино...).