Првата година дена по породувањето целиот живот на жената е свртен кон малото гравченце, кое израснало во бебе и излегло од нејзиниот стомак. Мајките и кога клинците спијат наслушнуваат, душкаат, развиваат периферен вид и способност за вршење рутински работи во полусон. Потоа по некое време малку почнуваат да шизнуваат, се прашуваат кога пак на мира ќе отидат во ве-це, ќе мислат на нешто друго освен на пелени, грчеви, запчиња, неспиење.
Колку и да сте горди, љубовни, загубени во мириси, не можете одвреме навреме да не се запрашате - а каде сум јас? Кога ќе почнам да комуницирам со луѓето како некогаш, да читам книги, да слушам кул музика, кога ќе излезам меѓу свет, а да не се чувствувам како аутсајдер? И конечно ќе осамне тој ден. Па потоа уште еден и уште еден. Почнувате да циркулирате, и најмногу од сè во светот ѝ се радувате на средбата со пријателките, затоа што тоа се само ваши моменти на опуштање. Најдобри... Децата пораснале... А вие и понатаму зборувате само за нив!!!
Па зошто бре, жени? Зарем не е доволно што сте посветени толку колку што сте, што по цела ноќ бришете повраќаници од подот кога детето е болно, што кога е фрка, секогаш вие ја решавате ситуацијата, зашто татковците нели главно работат, а мајките работат, ама и ја решаваат ситуацијата како суперхерои, што хендлате илјада работи и само ви се спие и барем малку нека ве остават на мира, но никогаш не е така. И тогаш, најдраги мои, конечно ќе се најдеме да брбориме, да се смееме, да ги чешкаме јазиците, и разговараме за повраќаници, за неодговорниот маж, за цената на пелените, за воспитачката што рекла, и за ќерката што возвратила. Зборуваме за ситни работи поврзани со децата и за оние нешто покрупни. За нивната исхрана, друштво, училиштето, утре професорите што ги учат, за плунки, играчки, патики, игрици, паркчиња, пцовки...
Така ли ќе тераме до пензија? Додека вашите деца не добијат деца, па после ќе преминеме на внуците? Е нема, фала.
И јас имав мало дете, веројатно знаев и сама да ги заморувам најблиските луѓе околу мене, но се трудам, стварно се трудам да не ги наметнувам никому моите лични работи што се одвиваат меѓу четири ѕида. Освен основните информации кога ќе скрши нога на три места, па прашуваат како е, а јас им одговарам, или поправа некоја лоша оценка, па ќе прашаат дали ја поправил, или просто ќе раскажам нешто смешно што го рекол. Тоа е сосема доволно. Впрочем, кога некого го интересира како е, ни доаѓа на гости.
Се случувало и да си ветиме една на друга дека нема да зборуваме за децата, па разговорот ќе нè однесе... сега ќе ми кажете дека тоа е нормално, бидејќи клинците го исполнуваат секој ваш слободен момент и немате нешто многу да разговарате освен за нив. Тоа се, драги жени, емоции, а не отсуство на теми. Не е вистина дека немате што да зборувате, туку поради љубовта кон нив не сакате. Тоа е посилно од вас.
Околу вас има различни луѓе, не сте сами. Пуштете и другите да си имаат свои вентили. Возрасни луѓе сме.