Off Topic

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Изјава на еден воен злосторник

Бен Гвир и Смотрич важат за најрадикалните министри во владата на Нетанјаху (не дека другите се нешто многу поумеерни, види како размислува министерката за социјална еднаквост). Бен Гвир го знаеме како тормозеше луѓе од флотилата за Газа (овде), отвораше шампањ и носеше значка во облик на бесилка кога се воведе смртна казна за Палестинци (овде), повикуваше Евреи да го населат јужен Либан (овде)...

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Келнерот шлепер

Се вика Оливер Струмпфел и минатата недела го сруши рекорд во носење кригли, што сам го постави во 2014. По ново, рекордот е 29 полни кригли со вкупна тежина - 69 килограми.

Поглед полн пораз

Возрасен, здрав и физички доминатен примерок на мажјак, искален низ стотици секојдневни битки се соочува со двајца претставници на своето потомство од родот мала ќерка и уште помал син, кои треба да бидат убедени да јадат зеленчук.

Сакаме чинии!

Како што расте меракот и филозофијата на рестораните да се глупираат со твојата храна и како ти ја сервираат, така почна да се развива и шири едно меѓународно движење на луѓе кои не можат да ги поднесат неразумните нови трендови во сервирањето храна. Се вика "Сакаме чинии" и има две многу едноставни барања - храна во чинии, пијалок во чаши, и толку.

Послушајте забушанти

Човеков се обраќа на секој што е лично и длабоко запознаен со постапката на одложување на секоја можна задача до крајни можни рокови, и пробува да им (ни) помогне, пред стварно да снема време. Од кај знае што треба да се направи? И он е ист таков.

Разорувањето на Барбуда по ураганот Ирма

Премиерот на Антигва и Барбуда, за американските медиуми соопшти дека ураганот Ирма има оштетно најмалку 90% од сите објекти и возила на Барбуда, и островот е на раб да биде ненаселив. Воздушните снимки од карипскиот остров само потврдуваат сè што тој кажа.

Чекајќи го Возо

Луѓево чекале 90 минути за да го видат легендарниот „Летечкиот Холанѓанин“, британскиот воз на парен погон кој сообраќал меѓу 1849 и 1892 година. И ене го, легендарен, бавен таман за да го видиш убаво...

Советската вселенска програма на кутии кибрит

Станува збор за многу пообемна колекција дизајни на кутивчиња кибрит од Источниот блок од 50-те и 60-те години од минатиот век. Ние се фативме за вселенскиот дел од оваа колекција.

Колекција непријатност

Катерина Кампрани е Гркинка чија единствена цел во животот е да те извади од кожа од нервоза и сето тоа успешно го прави под закрила на уметност. Треба да си посебен тип на нечовек за да ти дојде да составиш вакви накази што ти го унепријатуваат раатот.

Мрза до последна лопата

Ако доволно долго го гледаш човеков каков работи постепено почнуваш да се импресионираш од ваквата чиста и непоматена неефикасност и рамнодушност во работата.

Морската храна само што стана добра

Не дека морско по дифолт е лошо ама дометот на неговата употребливост најчесто е до - дај да сменам нешто денес. Сепак, снимкава покажува едно содржинско дополнување на лепезата на морска храна за кое до сега не сме биле свесни.

По туѓ грб 100 топки не болат

За да не бидат прегазувани од бикови Шпанците решија во тие трчањата по град крупната стока да ја заменат со џиновска топка, со тежина од 300 кила. Освен тоа што нема да те наденат на рогови, ништо друго не е подобро.

Не е до алатот, до мајсторот е

Кога ќе видиш ни еден од двајцава не греши, само може едниот поправилно ја користи механизацијата што му е на располагање, а другиот е Рус.

Брегзит проблемот

Преговорите за брегзит официјално започнаа на 19 јуни 2017, речиси една година по референдумот со кој се побара отцепувањето на Британија од ЕУ. За Британците проблемот не е веќе кој за што гласал, туку како може тој што напињал за заминување од ЕУ да нема блага претстава како да се случи тоа.

Едно јагне имаме

Ако можеше Нокиа да ги поврзува луѓето, може и ова нашево, си помислиле луѓето од австралиската индустрија на јагнешко месо. Па смислиле спот со Господ, Исус, Мохамед, Буда, Афродита, Мојсие, Ганеш, оној скиентологот Хабард... Поентата на спотот е троа глупа, ама муабетите се добри (Исус прави стари финти со пресврт), а софрата - боговска.

Вејтс на тронови

Уште еден фин момент од паузите на снимањето на Игра на тронови. Пар познати ликови од серијата фаќаат една од раните песни на Том Вејтс, I Hope I Don't Fall In Love With You. Па преубаво.

Сендвичот наречен трпение

Како што оброкот не треба да биде само прехранување туку секојдневна церемонија на спокој, така и на подготвувањето храна треба да му се приушти сличен пристап. Земја на потекло: Италија > Сицилија > Сиракуза.

Инспирација за вас прекрасни мргуди

Не е лесно да не можеш да го поднесеш светот, ама некој мора и тоа да го прави. И не се жалиме.

Генерички млади

Тоа што за цела твоја демографија може да се состави комплетно автентична реклама од сток видеа, никако не треба да ја пишмани твојата самоувереност во тоа колку си уникатен и неповторлив.

А да земеш точак?

Да не вршиме притисок ама греота е човек да го пројде животот мачејќи се како грешник. Исто и пешадија е решение.

Трка. На џамлии. Под вода

Прав спортски пациент озбилно ќе се загледа во ова, особено во драматичните фото-финиши. На прав спортски пациент ќе му простиме ако нè пцуе за спојлеров: победува порцеланка а нашиот фаворит, троперката, мораше да се задоволи со бронзен медал. 

Фотографот по кутијата од Мекдоналдс се познава?

Како пакет, ова е една многу инспиративна показна вежба во која познат француски фотограф научен да работи со опрема од десетици илјади долари покажува какви велелепни фотки може да извади користејќи само Ајфон, кутија од Биг-мек и рачна лампа. И пред да извршите церемонијално лупање на вашата опрема од ѕид, треба да знаете дека има една цака: откако ќе ја искористи комбинацијата Ајфон, картонска кутија и рачна лампа, работата е довршена со комбинацијата ВСЦО, Фотошоп и Лајтрум (сите три на мобилен).

Гратис психологија од продавач на кондури

Дечково не е Ал Банди ама ќе промрчи. Работи како продавач и без прозборен збор знае сè за тебе, и тоа со инсајдерски детални податоци. само врз основа на чевлите што ќе му ги донесеш на каса. Сличностите не се случајни.

Ладен туш за подметачите

До сега најмодерно беше да не можеш да се изгориш од плотната на шпоретот. Кај новиот систем на Босе, и тенџерето останува ладно, иако водата во него врие. Овие што изработуваат подметачи за жешко, време е да почнат да си прават шупелки.

Една е мајка, а сандали се две

Најстарата родителска финта на светот сè уште функционира беспрекорно.