Off Topic

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Изјава на еден воен злосторник

Бен Гвир и Смотрич важат за најрадикалните министри во владата на Нетанјаху (не дека другите се нешто многу поумеерни, види како размислува министерката за социјална еднаквост). Бен Гвир го знаеме како тормозеше луѓе од флотилата за Газа (овде), отвораше шампањ и носеше значка во облик на бесилка кога се воведе смртна казна за Палестинци (овде), повикуваше Евреи да го населат јужен Либан (овде)...

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Aj дека на крај ќе се земеш со погрешен човек

Нормално дека ќе пробаш да не биде така, ама овој пат не е важно само што си пробал/а. Она што може да ти е утеха е дека и скоро сите други ќе пројдат исто како тебе. Она што уште од сега треба да престанеш се залажуваш е дека ти си исклучокот што е дел од тоа „скоро сите“.

Родителски паралели

Еден индиски стенд ап комичар (Ромеш Ранганатан) кој дошол до буквално истата поента на еден наш маалски родител за тоа зошто не треба многу да се секираш ако детето уште не знае да користи веце шоља. А има и други добри поенти.

100-те најдобри песни на 2017

Ако сакате да проверите до каде сте со годините и колку имате изгубено осет што денес се смета добра нова музика, фатете разгледајте ја листата на 100 најдобри песни на 2017 според Нојзи, а да се разбереме, Нојзи знаат што е добра музика.

Јутјубашка 2017-та

Ако ги тргнеш сите безвезни, небитни, насилни, идеолошки удавени, копирани и во основа сите видеа што не се од едно максимум 250 канали на платформата, Јутјуб е прилично пристоен сајт, со одлична содржина. Е, и Јутјуб сака така да се гледа (и претставува) себе си, па по тие линии е направена и ретроспективата на 2017, или Јутјуб и добрите момци и девојки.

Слатка верзија на „прасе во џамија“

Донеле куп колачи и бесплатно ги делат пред теретана. И плус јадат пред излогот, оние маченици внатре да гледаат и да си ја челичат волјата. Нормално, не проаѓа без реакции од надлежните чувари на здравиот живот.

Раскрсници и пропустливост

Ние ги мислевме дека ги има неколку, а тоа само човеков има направено симулации на 30 различни типови на раскрсници, кружни текови и какви уште не урбанистички помагала. Тоа што тој го брои е да види кој тип може да пушти најмногу возила (големи, мали, итни или регуларни).

Како да убиеш мозочни клетки со алкохол, без да пиеш алкохол

Убава е упорност и амбициозност кај млади луѓе и сè тоа, ама има нешто и во размислување.

Како љубезно да критикуваш

Артур Мартин своевремено препорачува „во несогласувањето околу моралните и научните прашања, гледај целта да ти биде да дојдеш до вистината, а не да го поразиш противникот. Така, никогаш нема да загубиш расправа, само ќе стекнеш ново откритие.“ Има и еден друг пристап.

Дисекција на Светот Јура, и гнилите нови холивудски херои

Нешто што крајно успешно ни се протнува сите овие години е како Холивуд почна да прави главни јунаци од најлошите примероци на луѓе во филмовите. За споредба ја имаме приказната и моралот на Рипли во Вонземјанин и Клер во Светот Јура.

Слобода на релативизирање на рокот на траење

Прво и поважно, тоа што нешто е во рок на траење не значи дека нема шанси да се расипе. Второ, ако храната правилно се чува рокот на траење е крајно лабав. Трето, за верување е само изгледот, бојата и миризбата на храната.

Уште тоа ни фали

Возило кое не само што ќе те одведе од точка А до точка Б туку и ќе ти помогне да стигнеш од први до први, ако ти е таква работата. Фала што ви текна, ама не, фала.

Како се движат руските брези

Еден специфичен руски танц од Сибир кој се вика Березка (бреза). Сите ние за да се движиме ги мрдаме нозете, ама кај момиве тоа не се гледа и впечатокот е како да се наоѓаат на подвижни платформи управувани на далечинско. Чудесии. 

Пиони на војната

Сведоштво на човек кој учествувал во одбраната на Сребреница за предлогот кој го добил од својот лидер: Вие малку да изгинете, па на сите да ни биде подобро.

Дебелиот крај - Цена

Македонски песни кубурат главно со текстовите. Или се пребљак ради тоа љубовните јади или пак ќе забегаат во некоја напувана езотерија. Дечкиве смозгале како да ги избегнат тие поетски стапици. Треба да ти текне. 

После долго време, нешто ново од Макартни

Во едно интервју Пол Макартни се исчудува како музиката почнува да се прави на компјутер. Ќе ставиш еден звук и после си играш со копчиња. Интервјуто го гледа некој зналац, седнува на компјутер и го добивате ова.  

Ритамот на говорот

Кога размислуваш како чекан, во сè гледаш шајки. Истото важи и за тапанарите.

Пластика: Не се дува, ама лепи

Една девојка сака да ви покаже колку е лесно да се искористат некои материјали кои обично ни се за фрлање. Со стари пластични шишиња таа лепи, дури и ногарки од столче што ќе можат да издржат човечка тежина. Ах, кој ќе бара сега од тие индустриските фенови.

Како изгледаше хаосот на Црниот петок во Финска

Од Алабама па до скопски Сити мол, тие сцени на шопинг лудилото на Блек фрајдеј изгледаат идентично тажни и шокантни: буткања, влечења, грабања, дрпања, газења преку други луѓе (бидејќи себе веќе си се прегазил кога си решил да си дел од тоа стадо). Чекајте малку, да ја видите Финска.

Кој ќе преживее, ќе мора да се вади

Едноминутно филмче за едно семејство кое мора да се скрие во засолниште. Но, сирените за опасност ги будат и себичните инстинкти за преживување. Каков тонч!

Доцна е за „Cut!“

По реакцијата на неговата партнерка во сцената од филмот „Омразената осумка“, ќе сфатите дека само на Курт Расел не му е јасно дека она што го држи в рака не е евтина реплика туку автентична и непроценлива Мартин гитара стара 145 години. Бидна.

Кој тоа има задремано на концертот?

Оркестарот е американски, музиката руска (Стравински) а за главниот јунак знаеме само дека најверојатно е жена.

Браво Медо, џукело една

Медо е улично куче. Живее наваму - натаму во населбата Стар Аеродром во Подгорица. Деновиве доби заслужен епитет на вистински херој кога спречи една маалска женска да биде ограбена а лопужата го натера во збег. Многумина од луѓето само би свртеле глава настрана.

Совршено наштиманата девојка која не слуша

Менди Харви уште од мала имала проблеми со слухот за на 18 години комплетно да го изгуби и да биде прогласена за глува. За среќа, по неколкугодишна депресија решава сепак да му верува на својот талент за пеење и на мускулната меморија на своето грло. Еве ја на цел концерт, перфектно наштимана и боса, за да ги чувствува вибрациите од бендот.  

Интернетот прежали погрешен Менсон

За социјалните мрежи важи она што важи и за планетава. Вкупниот квоциент на интелигенција е константа, проблем е што него го делат сè повеќе и повеќе луѓе.