Off Topic

Музиката може да боли како камшик

Иранската пејачка Парасто Ахмади и осум членови на нејзиниот музички тим деновиве биле осудени на 74 удари со камшик затоа што настапила без хиџаб на концерт пренесуван на Јутјуб. Тоа било против јавната пристојност и објавување „вулгарна и неморална содржина“. Плус две години не можат да излезат од Иран ниту да настапуваат во земјата. Мала поддршка за Парасто и сите кои се гњавени од задрти луѓе од сите вери и невери. 

Поразите не ги гледате на Инстаграм

Финалекција за сите оние кои се мамат и залажуваат по она што го гледаат на социјалните мрежи, верувајќи дека виделе формула чиј успех е неизбежен. Успехот не само што не е неизбежен туку е исклучок. A залажувањето не се случува само на мрежите. Многу луѓе мислат дека кафана кај нас не може да не успее, гледајќи како сите кафани наоколу се полни. Само што не ги гледаат оние стотици кои пропаднале. 

Тој мисли сите пијат нафта

9 март: „Сега сме целосно независни од Блискиот Исток. Не ни треба нивната нафта.“ 1 април: „Тоа навистина не нè засега. Имаме толку многу нафта. Имаме огромна нафта и гас, многу повеќе отколку што ни треба.“ 17 јуни: Ако не се согласев со Меморандумот за разбирање, „ќе ни снемаа резерви за околу 4 недели... навистина ќе ни снемаа, и ќе дојдеше време кога нема да можете да дојдеме до нафта.“

Со ВАР, Голијат секогаш ќе го плеска Давид

Лука Модриќ, број 1 на целиот хрватски фудбал, златен гарант на сите хрватски победи, на овој натпревар изгледаше, се однесуваше и се движеше како Број 1 од Алан Форд. Се разбира, тој не е виновен за поразот. Виновен е како и сите други на теренот, а тие, пак, се невини во однос на оној што ги составил во тимот. А и тој не е толку крив колку очекувањата на заедницата. Таа би сакала играчите што ги правеа среќни да останат вечно млади.

Предупредувачки писма на читатели

Се јавив на сите Владини и НВО институции, по мејл, по телефон е џабе, никој не одговори, ама баш никој. Решив да ти пишам, онаа клупата на Водно се направи. Ова сигурно нема да се поправи, но можеби ќе спасиме некое дете кое дошло со родителите на викенд на Марков манастир, да се избања.

Трамп и Мелони пак ја спукаа

На Г-7, Трамп и Мелони во неколку наврати беа сликани во добро расположение, што се толкуваше како знак дека ги надминале претходните кавги. Ама, сељак каков што го дал Господ, Трамп отпосле кажа дека Мелони го молела и преколнувала да се слика со него. Таа не остана без зборови. Порача дека е згрозена од комплетните измислици. „Ни Италија ни јас никогаш не молиме!“

Стамбол ујдурма: Жандарма саат, калабалак

Можеби и не е најпаметно на град од 16 милиони луѓе да му дадеш само два часа фора пред да му стегнеш полициски час од 48 часа.

Спотот на деценијата го има - Лудвиг ван Бетовен

Штета што Бетовен не можеше баш најубаво да ја слушне својата Петта симфонија, ама уште по штета е што не може да ја види. Ова е толку добро направено што човек ќе помисли дека прво ја направиле анимацијата па после го ангажирале Лудвига да компонира саундтрак.

Дури сега изолацијата нè дотепа

Од  сите елементи кои ги видовме во долунаведеното видео, ние сепак успеавме да дојдеме до еден од нив. Песната се вика „Овај живот није лак“ од Џеј Рамадановски.

Не случајно се нашле тие

Нема ништо подобро од моментите кога со другарите ќе најдете нешто кое на сите ви е интересно. Во случајов ограда со струја која, кога ќе ја пипнеш, види богати, те дрма.

Глобална показна вежба „Том и Џери“

19 секунди сцена од цртан филм. Не може поточно од ова да се опише како светот ја почна 2020 година и како епски се заеба.  

Звукот на дистопијата

Најчестата верзија за потеклото и мотивот на "Sound of Silence" на Сајмон и Гарфанкел, е дека е коментар на атмосферата после убиството на Кенеди. Ах, банални времиња. Дури кога ќе се измонтира со актуелните прикази од празните градови (сцените се Њујорк, Сан Франциско, Будимпешта, Париз и кинеската четврт во Чикаго) таа песна (во верзија на Disturbed) ја добива својата вистински морничава атмосфера.

Зошто има толку различни бројки за стапката на смртност од ковид-19?

Колку што не е јасна болеста (стари умираат, млади умираат, здрави, дебели, слаби...) толку не се јасни ни најосновните бројките од нејзе како стапката на смртност. Делумно ова е затоа што има различни параметри по кои различни држави / институции пресметуваат, делумно и затоа што не се тестира целото население па не е познат скриениот број на луѓе што го прележале вирусот „на нозе“.

Разговор со дечко кој се опоравил од ковид-19

Бидејќи од сто, илјада или десет илјади луѓе не можете да ги интервјуирате баш сите, еве некој кој низ својот личен пример зборува во името на огромното мнозинство на оние кои го закачиле вирусот. Многу поучно. 

Ви се слуша канцеларија?

Аудио позадина со канцелариски звуци за сите што веќе почна да ги фаќа носталгија по работа во канцеларија. За сега имаат само канцеларија. Чекање на шалтер и „извини само да прашам“ веројатно ќе бидат достапни во следните верзии.

Помогнете им, за ваше добро

Што може да е наравоучение од една историска фотографија на која се гледа како војник на грб пренесува магаре?

Германски епидемиолог: Пет прашања за Ангела Меркел

Професорот е микробиолог и епидемиолог за заразни болести кој 22 години го водел Институтот за микробиологија во Мајнц. Пред едно две недели, неговото прво видео појавување поттикна глобална дебата за вирусот, целисходноста на мерките, податоците, статистиката... теми за кои дилеми имаа и луѓето од Оксфорд, професорот Јоанидис од Стенфорд и други. Вели дека ова е негово последно видео, своевидно отворено писмо до Ангела Меркел, со пет легитимни прашања за состојбата во која се најдовме. 

Видете нè!

Луѓе, вреди да издржиме! Леле какви моменти нè чекаат кога ќе помине срањево. Замислете го првото отворање на вашето омилено место за пијачка! Ако не можете да замислите, дозволете професионалци да помогнат. 

Полициски час вс. Масаи час

Откако кениската полиција не може да се разбере со локалните жители дека треба да седат внатре и да држат дистанца, властите ангажираат припадници на Масаи племето за спроведување ред по улиците. П.С. мантрата што цело време им ја повторува на насобраните додека ги тепа е „еден метар“.

Јави се Јужна

Светска здравствена организација: Тестирајте, тестирајте, тестирајте.
Северна: Пресови, пресови, пресови.

Што научивме досега?

Неколку кроки наравоученија од неделите поминати во изолација.

Жена на плажа, пред и после изолација

Јасно, ќе има луѓе кои после видеово ќе си помислат „Ех, јас живеам со вторана варијанта многу пред да почне каква било изолација“. Ама па, ќе си ќутат, пошто они поарни да не се?

Што па мора сите предмети да се учат?

Зошто на пример на ТВ наставата да не се учи само ликовно и тоа 24-часа на ден и тоа по српска програма.

Не дај се, Раде

Многу поштовање за стариот што си стави вино од пластична тролитарка. Да беше друг, ќе пазеше на годината, на бербата, на чашата.... Маестро, налиј си и кажи ја, онаа старата.

Дај го оној прелаз од Фил Колинс

- Кој прелаз? Оној „ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТАМ ТАМ“?
- Тој!

Лет 3, Лет 2, Лет 1... концерт!

Ожујско пиво многу махерски го твикнале глобално познатиот слоган за седење дома па под шифра „Останете во гајба“ финансираат „мозаични“ свирки на хрватски рокери. Повелете саат време јако пржење со прекрасните заебанти од Ријека.  

До наставниците кои држат онлајн настава: Забушавајте малку

Ако некогаш треба да се олабавите од високи очекувања и амбициозно спроведување на наставно-научната програма, сега е е тоа. Ниту вашите ученици ви се пред очи па да знаете во каква ситуација се дома, ниту пак вашата лекција е најбитна во вакво време. Го живеат најсреќниот период од животот во услови на карантин. Зошто е пресудно третодделенец баш сега да научи кои се единици на локалната самоуправа?   

Лицемерно е властите да му аплаудираат на здравството

Уште на крајот на јануари знаеја што нè чека. Го изгубија цел февруари за во март да ги остаат медицинските лица без опрема или со погрешна опрема (хируршки маски не се по стандард на СЗО). „Ги фрлија во првите борбени редови без никакви средства да се заштитат, а после им аплаудираат,“ вели уредникот на Лансет за кој ваква неодговорност и лицемерие е национален скандал.

Цајканско миење раце

Во чекор со убавите боливудски традиции, индиски полицајци снимиле видео за кое се надеваат дека ќе стане вирално а ќе ги потсетува луѓето на важноста да се мијат раце. Ако буквално го сфатите упатството, раце се мијат малку лево, малку десно, а после, се предаваш.

Пандемијата го покоси лалето

Во сто години од постоење на холандската цветна берза, ова им се случува првпат. Надреални сники како Холанѓаните уништуваат милиони цвеќиња за кои побрувачката нагло секна. Тури му пепел на свет на кој не му требаат цвеќиња.