Не се секирајте, и на пилотот му е страв

Приказната за една рекламна кампања од средината на 60-тите години, кампања која просто е невозможно да се случи во нашето стерилизирано и  дезинфицирано време.

60-тите години на минатиот век се златно време за комерцијалниот авио-транспорт. Добро ѝ оди и на угледната американска компанија Пацифик Ерлајнс која со голем финансиски оптимизам решаваат да ја збогатат својата флота. Но, за кратко време профитот им паѓа од 700.000 на 150.000 долари бидејќи набавените Боинзи се покажуваат нерентабилни на нивните кратки летови низ САД.

За да излезат од дупката и да се издвојат од конкуренцијата, за рекламна кампања го ангажираат Стан Фреберг, креативец во многу жанрови (радио, стенд-ап комедија, актер, куклен артист...) кој бил и адвертајзер познат по своите неконвенционални идеи, иронијата и пародирањето на други реклами.

Тој им прави една кампања за која извршните директори на Пацифик ќе зажалат, ама малку предоцна. Наспроти здравиот разум и базичната логика која вели во реклами за летање по секоја цена да се избегнува секакво асоцирање со природниот човечки страв од летање, Фреберг ја гради кампањата токму на тоа чувство.

Во Њујорк тајмс и други весници, на цела страна била објавена реклама со следниов текст:

„Хеј, вие таму! Да, Вие, со испотените дланки. Време е авиокомпаниите да се соочат со нешто: повеќето луѓе се до коска уплашени од летање. Негде длабоко во себе, на секое одлепување на авионот од пистата, човек си вика: „Ова ли е тоа, ова ли е крајот?“ Сакате да знаете нешто, друштво? Негде длабоко во себе, истото си го вика и пилотоит на авионот.“

Фреберг во медиумите пуштил и уште еден, алтернативен копирајт:

„Хеј, вие таму! Да, Вие, со испотените дланки. Сакате ли пилотот да престане да ломоти за прекрасното езеро покрај кое летаме и наместо тоа искрено да ви каже што по ѓаволите беше оној ужасен звук кој предмалку го слушнавте?“

Како овие текстови да не биле доволни, Фреберг кампањата ја поддржал со делење „комплети за преживување“ на патниците на кои им биле давани и амајлии за среќа во вид на потковици и зајачки шепи, во авионите се делела книгата „Моќта на позитивното мислење“ (цар!), "fortune cookies" со порака „Може да е бетер. Може пилотот да почне да си ја свирка “The High and the Mighty (филм со Џон Вејн со драматични сцени од авио-лет) а стјуардесите биле обучени после секое слетување да извикуваат „Успеавме! Сега што ќе кажете?“

За жал Фреберг не успеал да ги полета сите свои луди идеи, меѓу кои биле и авионите однадвор и одвнатре да се насликаат како возови, пилотската кабина како локомотива а во текот на летот на патниците да им се пушта звук на воз.

Веројатно збунет од реакциите, првиот човек на Пацифик Ерлајнс во првата прилика пробал да ја брани кампањата велејќи дека сакале да се искрени но веќе по првиот состанок на акционерите, добар дел од топ-менаџментот морале да дадат оставки.

26 јули 2020 - 12:08