Off Topic

Вишок колумни

• Тато, тато, мама ја згази кола!
• Почни да плачеш, одма доаѓам!
Значи, почна фудбалот. Тоа е она за што се мажи секоја жена, без да знае.

Прашање - автогол

Новинар (Питер Дуси): „Еден мудар човек, еднаш, во јануари 2020-та кажа: „Иран никогаш не добил војна, ама, никогаш не изгубил на преговори.“
Доналд Трамп: “Кој го има кажано тоа?“
Новинарот: “Доналд Трамп“.

Европскиот парламент со овации против миграцијата

Со резултат 418-218 (30 воздржани), Европскиот парламент ја усвои „Регулативата за враќање“ со најстрогите правила за миграција во „градината“ последниве години. Ќе има побрзи депортации на одбиени за азил, оние што чекаат одговор ќе чекаат воне-ЕУ земји... Егзалтирани скандираа „Вратете ги назад!“ (Send them Back!). Кога на времето тие им доаѓаа дома како колонизатори, не се бунеа.

Културњаци против фудбалери

Статистички е многу полесно да се добие титулата „професионален актер“ и да се живее добро на сметка на даночните обврзници без никакви значајни дела зад себе, отколку да се стане професионален фудбалер и да се живее добро од фудбалот. Но, луѓето кои во своите глави се елита, не можат да дозволат некој да ужива повеќе богатство и почит од нив, а да не припаѓа на нивното милје. Затоа ги презираат оние кои се подобри од нив.

Дуци го размонтира „инфлуенсерскиот вајб“

Дуци своевремено беше MVP во талентираната екипа на „Фчерашни“ а подоцна „рикавме ко магарици“ кога ја гледавме неговата „карактерологија“ која треба да се учи на драматургија на ФДУ. Дуци продолжува да го лови духот на времето, пародирајќи го јазикот, стилот и препичот на младите инфлуенсерки. Веројатно тие ќе се прашуваат „што е тука смешно?“ и нема да им текне дека тие се смешните.  

Како мароканската одбрана го проголта нападот на Бразил

Спектакуларно е да се види како фудбалерите на Мароко се движат дефанзивно, главно во 4-2-4 формација. Ова не е случајно, ова е тренирано и вежбано. Како имунолошка Т клетка која се движи синхонизирано за да го неутрализира опасниот вирус кој го детектирала во својата околина. Маестрална тактичка дисциплина.

Спиеш ли мирно, Френсисе Бејконе?

Комуникациски упатства од воркшоп на Природниот музеј на Л.А. во кој на белите им се препорачува да бидат свесни (и да се срамат, нормално) од своите привилегии и да зборуваат со едноставен јазик (небаре обоените по дефиниција се поглупи па нема да разберат). Наведени се и карактеристики на белиот супрематизам во науката. Меѓу другите - перфекционизмот и објективноста. Шејм, шејм!

И шоферите на министри шмркаат зарем не?

Додека новиот холандски министер за здравство излегува на бој пред камерите на тема ковид и слично, во позадина старите логистички служби крајно професионално ги одржуваат конекциите што ги имаат.

Цвет од седум часа

Сер Дејвид Атенбороу сведочи на уште едно чудесно сложена коалиција во природата. Цвет кој цвета само ноќе, само седум часа, за само едно животно. А сепак, користа од овој соживот е обострана.

Како се трансформира сала 8 пати за 8 дена

Велс Фарго Центарот во Филаделфија е матичната сала (центар) за Филаделфија 76 (кошарка), Филаделфија Флаерс (хокеј) и Филаделфија Вингс (лакрос). Освен ова организира и еден куп други настани. Во една ситуација имаат 8 сосема различни настани закажани за организирање 8 дена по ред.

Машки маки неопеани

Дај му на маж риба и ќе го нахраниш за еден ден. Дај му на маж работа и само чекај да почне да кенка дека нешто не бива кај него на работа.

Кај да бегаме, мори Васе?

После 15 години блажена изолација од цивилизацијата, човек се враќа во општество во кое луѓе се кодошат едни со други преку мобилни телефони (државата наградува за тоа), забранети се цигари, алкохол и пцуење и речиси секаде има камери. „За ваше добро“, како што тоа обично се кажува. Малку „на прва топка“ раскажано, ама па не е лошо да се види.

Што велат медицинските дисиденти?

Пред Меморијалниот центар Линколн во Вашингтон се одржа „Марш против задолжителноста (на вакцините)“, зборуваа неколкумуина угледни медицински и научница авторитети од алијансата ФЛЦЦЦ (Front Line COVID-19 Critical Care Alliance) кои веќе две години се во војна со големата фармација и здравствената бирократија, првенствено околу инсистирањето на вакцини а комплетното игнорирање на лековите за кои тврдат дека се ефикасни.  

Како Бајден ја уценуваше Украина

Мало потсетување за тоа како Џо Бајден ја условуваше помошта од една милијарда долари за Украина со барање да го сменат јавниот обвинител. Инаку, Украина им е добро позната на Бајденовци, некои од нив таму на гурбет одеа.

Десерт за проверка на интелигенција

Има едно правило што вика „секој е крив за тоа што му го прават“, и за волја на вистината правилово знае да згреши, ама па знае и да погоди. Дај некако десертов масовно да се популаризира, да можеме да се преброиме кои сме и што сме.

„Don't Look Up“ во три минути

„Изгубен ли си во овој свет како и јас?“ е брилијантна црно-бела анимација на младиот Стив Катс, изведена во стилот на 1920-тите години и легендарниот Макс Флејшер (Бети Буп). За најголемиот парадокс на нашето време: никогаш не сме биле поврзани колку што сме сега, и никогаш не сме биле толку дисконектирани едни од други. Песната, нормално, на Моби.

Намаз на иранскиот претседател во Кремљ

На страна политичкиот дел од средбата, посетата на Ибрахим Раиси на Кремљ ја обележаа и една многу човечка работа, намаз сред церемонијалната сала во Кремљ.

Ете, и него го запросија

Геј двојка решава да ја апгрејдира својата врска на традиционален начин, со клекнување и нудење прстен. Видеото може да се гледа како а) мотивационо (штом него има кој да го го запроси, ќе се најде и за мене) или б) демотивационо (еј, него го запросија, ја уште ништо). За да знаете што е спорно со запросениот, пуштете звук.

Нашиот брат по математика

Треј Гауди објаснува дека ја изгубил вербата во математиката кога му рекле дека три по нула е - нула. „Како може да имаш нешто трипати а на крај да немаш ништо? Кај се изгуби тоа три? Тоа никако не ми влегуваше во глава“ се исповеда Гауди кој не треба многу да го мислите- подоцна стана федерален јавен обвинител и политичар.

Ова е земја за нас

Ако уште не сте дигнале раце да го разберете светов (топло препорачуваме), фаќајте чекор со виртуелниот универзум во кој цените на недвижнини растат побрзо од Скопје. Ќе доживееме ли кавги за дигитални меѓи?

Руски старт-ап на денот

Ако многу се потрудиме да го ставиме во некои легални рамки, овој бизнис гранично би се класификувал во фелата клучари, бидејќи тоа му е основната намера - продавање на клучеви. Да ја прашаш руската полиција ќе ти каже дека овие од класификување може да се само меѓу: лесна и тешка робија.

Генерациски разлики

За разликите меѓу генерациите можат да се пишуваат долги есеи и томови анализи и истражувања. А може да се скоцка и едно луцидно видео од дваесетина секунди и некои работи да станат многу појасни.

Добра берберница е институција

Еден од најголемите порази што модерниот живот го нанесе општо на животот е што почна да се закажува шишање во берберница. Навидум целосно неважна работа, меѓутоа седењето во берберница и чекањето ред, е суштински столб на чакалење на секој маж (веројатно исто е и за жени во фризерница) и на квалитетен и содржински маалски живот.

Борис Џонсон ја прогласи пандемијата за умрено

Британскиот премиер најави укинување на две железни ставки во ковид пандемијата: маските и ковид сертификатите. Ај за арно нека е. Само, како што порачува Рамбо во неговото последно послание, гледајте да не примите гол во последните секунди од играта. 

Кога не учите од историја, учете од цртани

Лекцијава е од далечната 1937 година и е анимирана, за да можат наравоучението да го разберат и деца и наивни Снежани.

Страв без филтри

Ликот што го гледате е на еден од регрутите на Воената академија во Алма ата, Казахстан, преплашен за време на немирите („терористичкиот обид за пуч“) во земјата. Дечкото се наоѓа во академијата во време кога напаѓачите се обидуваат да ја освојат. Тој носи униформа, стравот и зборовите му се без униформа.

Ролетни со политички став

Скромна рекламна порака на компанија за ролетни од Флорида, компанија за која, очигледно, не е сè во парите. На крајот од пораката викаат: „Ако ги подржувате Џо Бајден и либералите, ич да не ни се јавувате“.

Или ќе умреш од глад, или од работа

Денешниот систем на производство, политичка економија и политика, на површина го вади најлошото од луѓето. Богатството на богатите зависи од сиромаштијата на сиромашните. Културата на богатите зависи од некултурата на сиромашните. Самодовербата на богатите зависи од класната несвесност на оние другите.

Пит-стоп 1950 вс. 2020

На овие првите во тоа време да им покажеш видео од овие вторите, ќе помислат дека дошле вонземјани сосе алат и работат на менување гуми во пит-стоп.

Во Лос Анџелес апокалипса крај шините

Совршената сценографија за постапокалиптичен филм во Америка всушност се снимки од дел од товарната железничка пруга што минува низ Лос Анџелес, која без разлика како изгледа, сè уште е во употреба и тоа, крајно фреквентно.