
Кога после својот легендарен лет се наоѓа пред членовите на државната комисија Гагарин, првиот човек во вселената, не заборава да објасни еден важен детаљ: „Во моментите на славење таму се фотографирав неколку пати. До тогаш го имав соблечено скафандерот. На себе имав само сина термо-облека, а не се фотографирав во портокалово-сивиот скафандер со шлемот.“
И навистина, на сите фотографии направени по слетувањето космонаутот е во дебела топла облека која потсетува на облеката што ја носат затворениците во советските логори. Всушност се работи за термо-оделото В-3 кое Гагарин го облекува под скафандерот, а самиот скафандер никаде не се гледа.
Зошто беше потребно да се крие вселенското одело?
Околу скафандерот на Гагарин избива доста сериозен судир. Во што да го облечеш првиот човек што лета во вселената и дали мора.
Во тоа време дел од експертите озбилно тврди дека Јуриј Гагарин може да лета баш во синото термо-одело, кое е предвидено за спасување на космонаутите по слетувањето и кое ги штити од хипотермија. Во случај до дојде до де-херметизација на леталото дур е во вселена, ова одело е бескорисно. Сепак, многумина од вклучените сакаат да го пратат Гагарин во вселена без скафандер.
Варијантата без скафандер се разгледува од проста причина што конструкторите на „Восток“ во февруари 1960 сфаќаат дека имаат сериозни проблеми со вишокот маса и мораат да штедат на опрема. Притоа даваат и оптимистички прогнози: веројатноста за де-херметизација на кабината е минимална и затоа скафандерот не е потребен, туку само додава килажа.
Повеќе месечната расправа околу скафандерот ја решава „таткото“ на советската космонаутика, Сергеј Корољов. Тој изјавил дека е подготвен „да се откаже од 500 килограми техничка опрема, ама скафандерот и системот за одржување на животните функции мора да биде подготвен до крајот на годината“.
Од тогаш остануваат речиси 8 месеци до планираниот лет и за изработување на првиот скафандер во историјата - „Ск-1“.
Изработката на скафандер почнува со скафандерот „Воркут“ што го користат пилотите на ловците Су-9 кај кои од суштинска важност е регулирање на притисокот и доток на кислород. „Ск-1“ е мек скафандер со два слоја текстил. Едниот слoj е лавсан, еден вид термо пластика. Во тоа време тој е нов материјал изработен од Лабораторијата на Институтот за високомолекуларни соединенија на Академијата за науки на СССР во 1949 (ЛАборатории Института Высокомолекулярных Соединений Академии Наук СССР). Од лавсан е изработен заштитениот слој на скафандерот (денес овој материјал се користи на пример за производство на пластични шишиња).
Вториот, т.нр. херметички слој е направен од гума, а надворешниот слој што сите го видоа е портокалова непропустлива навлака. Изборот на бојата е чисто за да се олесни наоѓањето на космонаутот во случај тој да се катапултира од кабината и да се спушти со падобран.
Шлемот не може да се вади и на него се приклучени мерачите за притисок. Во случај на пад на притисокот, шлемот автоматски се затвора, а цревото кое во внатрешниот слој внесува воздух од кабината, само би се прекинало. Дотокот на воздух во тој случај доаѓа од боцата со кислород. Во овој скафандер не може да се излегува во отворената вселена, меѓутоа со него космонаутот би можел да издржи 5 часа во кабина во леталото во случај на хаварија.
Ск-1 е сошиен строго по мерката на Гагарин, а заедно со кацигата тежи 20 килограми. Човек не може сам да го облече скафандерот, без помош на други. Тој доаѓа со строго упатство за чекорите за облекување, и по кој редослед се ставаат нозе, раце, итд. За разлика од облекувањето, еден човек може сам да го соблече скафандерот.
Гагарин носи неколку слоеви облека: долна облека, термо-одело, слој од лавсан, слој од гума и над сето тоа портокалова навлака.
Тајновитоста околу скафандерот се должи на тоа што тој се смета за генијален советски изум. Материјалите и целосната негова конструкција во време на вселенска трка се државна тајна. Надворешната портокалова навлака, меѓу другото, требало да сокрие и што се наоѓа под нејзе.
Гагарин, покрај другите упатства, добива и наредба по слетувањето, каде и да се случи тоа, да преземе мерки за сочувување на скафандерот или уништување. За следење на оваа наредба заедно со спасувачите по Гагарин е испратен и еден инженер кој работи на скафандерот, по име Ото Митхрабанович Бахрамов.
Во реонот на слетување Бахрамов треба од Гагарин или од раководителот на спасувачката група да го преземе скафандерот. Дента на слетувањето инженерот со тајна мисија е фатен на неколку аматерски снимки. Крупен човек со шешир и кожна виндјакна кој на луѓето им личи како обезбедување на космонаутот испратен од службите за државна безбедност. Се покажува дека неговата мисија е друга и дека Бахрамов е таму само за безбедно да го преземе скафандерот и евентуално да реагира ако Гагарин заборави на наредбата пред излегување пред камерите.