Училиштето е основано во 2014 и работи по лична методологија на Маск, со поддршка на еден поранешен наставник на неговите деца од Миријам школата за надарени ученици од Беверли хилс.
Главни карактеристики на ова училиште се што сите деца од 7 до 14 години учат во исто „одделение“, а „образовниот модел не се базира на оценување на учениците, туку на откривање на нивните таленти“.
Причината зошто Макс го отвора училиштето се бројните забелешки што ги има за постојниот образовен систем, тоа што сите деца се третираат како да се надарени за сите исти работи, а и тоа што пристапот на наставата е базично погрешен.
„Важно е да се учи решавање проблеми. Да се учи во насока на проблемот, не во насока на алатот.
Пример сакаш да ги научиш луѓето како работат моторите. Традиционалниот пристап е да научиш сè за шрафцигери, сè за клучеви и такви работи, и тоа е многу тежок начин тоа да се направи. Многу подобар начин е, еве ви го моторот, ајде сега да го растуриме. Како ќе го растуриме? А, ти треба шрафцигер, ете за што е шрафцигерот. Ти треба клуч, еве за што е клучот.
И тогаш се случува многу важна работа, релевантноста на алатот станува очигледна,“ објаснува Маск во едно интервју.
Школото се разликува и по предмети, па на пример има Вештачка интелигенција, применета наука, кодирање и дизајн на различни работи (главно роботи), ама па затоа нема спортски предмети, музика и странски јазици (последново е исфрлено чисто заради напредокот што е направен во софтверот за симултано преведување).
Во првата година Ад Астра има 14 ученици, во втората бројот се зголемува на 20, за во 2018 тоа да изнесува 40. Освен 5-те на Маск, останатите ученици во училиштето се деца на вработени во Спејсикс, меѓутоа не се знае според кои критериуми се примени.
За уписот се знае само дека заинтересираните деца го посетуваат училиштето, таму разговараат со наставниците, кои потоа заеднички одлучуваат дали некој од нив „ќе може да ужива и да го искористи образовниот модел на Ад Астра“.
А како децата ќе се запишат на факултет? Прво, Маск во повеќе наврати има кажано дека универзитетското образование воопшто не е битно; второ, очекувањето е дека овие деца ќе стекнат доволно знаење и вештина за да можат да се запишат на факултет.
Ад Астра затвори во јуни 2020. Маск тогаш го ангажираше истиот наставник од Миријам школата и заедно со него го отвори он-лајн училиштето Астра Нова, чија наставна програма делумно е достапна он-лајн (за претплата) на сајтот на Синтезис школата.