Опен АИ уфрлила свој крт меѓу групите за заштита на деца

Во обид да ги протне сопствените принципи за регулирање на моделите со ВИ, матичната компанија на Чет ГПТ формирала и финансирала своја „непрофитна група“ како јадро на широка коалиција за заштита на децата од онлајн содржини. Така врши притисок врз властите и од позиција на индустриски гигант и во името на заштита на жртвите од нејзиниот четбот.

Коалицијата Родители и деца за ВИ безбедност пред две недели ги повикала сродните организации низ САД да ѝ се придружат во формирањето листа на приоритети за регулирање на користењето на модели со вештачка интелигенција. Наведените принципи вклучувале нејасни, но прилично неспорни предлози како проверка на возраста, родителска контрола и забрана за рекламирање насочено кон деца.

Веруваме дека е важно да се демонстрира широка и видлива поддршка од родителите, едукаторите, заедницата и организациите за да се истакне дека семејствата очекуваат акција во врска со ВИ во текот на оваа година, пишувало во пораките.

Необично било тоа што многу предлози биле речиси идентични на оние од иницијативата од Опен АИ, матичната фирма на ЧетГПТ, поднесена како предлог-закон до Конгресот на Калифорнија. Иницијативата содржи механизми за заштита на производителите од одговорност за евентуалните штети предизвикани од моделите со ВИ.

Опен АИ веќе е соочена со најмалку осум тужби во кои се тврди дека Чет ГПТ придонел за смрт на корисници на четботот. Повеќе од 20 сојузни држави лани предложија свои закони за регулирање на употребата на ВИ, а Комитет на претставничкиот дом неодамна одобри закон на федерално ниво.

Поканетите организации биле шокирани кога откриле дека „Родители и деца“ всушност била параван основан од адвокати кои работат за Опен АИ и финансиран од компанијата. Подлоста била откриена дури кога повеќе групи се здружиле во оспорувањето на политичката иницијатива.

Многу е гадно чувството кога ќе се открие дека сакаат да протнат нешто подмолно зад сцената, коментира организатор од вистинска непрофитна група.

Опен АИ лани потроши околу 3 милиони долари за политичко лобирање, а претходната година 1,76 милиони. Преку својата „непрофитна“ група сега се обидува да учествува во преговорите со властите на највисоко ниво од спротивната страна, настојувајќи да блокира построги регулативни мерки. Тоа е и обид да се усвојат регулативи што би биле поприфатливи за Опен АИ отколку за конкурентите – Микрософт, Гугл, Амазон, Мета, Антропик или Икс АИ.

Во Калифорнија, Опен АИ се спротивстави на повеќе иницијативи за строго ограничување на пристапот на децата до четботови и го убеди гувернерот Гевин Њусом да стави вето на оригиналните закони и да усвои помалку строги прописи.

Џош Голин, директор на FairPlay for Kids, веднаш ја повлекол својата непрофитна организација од коалицијата.

Опен АИ мора да се повлече за да можат вистинските застапници, родителите, и професионалците од јавното здравство, а не технолошката индустрија, да ги уредуваат правилата на игра. Не може Опен АИ да пишува свои правила како да комуницираат со децата, предупредува Голин.

6 април 2026 - 12:00