Самиот избор на дизајнот предложен од компанијата на Ајфел за главно обележје на Светскиот саем во 1889 (на 100-годишнината од Француската револуција) наликува на наместен тендер, бидејќи една од ставките во конкурсот гласи дека проектот мора биде 4-страна метална кула од 300 метри.
Дури и откако официјално го добива договорот за изградба тој е скандалозен проект, прво заради сомнежот на тамошни инженери, архитекти и општо научници за неговата изводливост, како и неговиот изглед. Оваа омраза ја споделуваат и голем број жители на Париз.
Еден од најголемите противници е бизнисменот Шарл Луј Дуран де Бедуин кој обиколува голем број тогашни владини министерства објаснувајќи дека ниту еден споменик не треба да конкурира на величественоста на Нотр Дам и базиликата Сакре-кер, како и да за да лобира против кулата бидејќи од нејзе може да се извади 10.000 тони квалитетен челик кој ќе биде употребен за друго.
Авторот Ги де Мопасан кој е еден од предводниците на отпорот кон кулата, кога таа е изградена секој ден руча во нејзе затоа што „тоа е единственото место во Париз од каде не се гледа Ајфеловата кула“.
Заради ваквите чувства на јавноста, кога државата го потпишува договорот за изградба со Ајфел, тие се договараат кулата да има рок на траење и дека 20 години по завршувањето на Светскиот саем таа ќе биде демолирана и фрлена на отпад или железото ќе биде пренаменето за други потреби.
Сите овие планови за растурање на кулата на време се спречени од Ајфел кој без кажување во кулата за време на нејзиното кревање вградува радио-антена, па таа од пуштањето ја добива оваа намена.
Како што се приближува датумот за нејзино растурање во 1909, така властите почнуваат да се предомислуваат заради корисноста на радио-антената на врвот од кулата.
Седум години подоцна, за време на Првата светска војна Ајфеловата кула се користи за пресретнување непријателска радио комуникација, објавување узбуни и испраќање на итни засилувања на француската армија на фронтот.
Благодарејќи на сето ова минуваат доволно години, па жителите на Париз се навикнуваат на кулата и таа им прираснува за срце, и никогаш не завршува на отпад. Денес таа е најпрепознатлив симбол на Франција.