Официјално Групата Вагнер не постои, Форин полиси пишува дека досегашните истраги не откриле ниту еден единствен регистриран бизнис што го носи името Вагнер. Ама неофицијално најмалку 6.000 Руси и жители на поранешен СССР имаат служено за нив.
Бидејќи нема седиште, локал или ПиАр служба од Групата Вагнер со која би можел да разговараш, Би-би-си тврди дека успеал да најде двајца Руси кои наводно се поранешни припадници на организацијата. Околу демографијата на нивните екс-колеги тие го кажуваат следното:
„По мое мислење има три типа на луѓе:
Луѓе кои не можат да замислат каков било друг живот за себе. Кои по природа се платени војници.
Втора категорија се луѓе кои завршиле тука заради општо чувство на безнадежност. Не можат да најдат друг начин да заработат за живот. Тука се затоа што мораат.
Трета категорија се романтичари. Луѓе кои сонуваат за уште еден удар на адреналин. Кои бараат уште еден начин како да и служат на својата држава.“
Разочарувањето на овие двајца како што пренесува Би-би-си е дека Вагнер во Сирија се бори за ослободување на нафтените полиња, во регионот на Палмира, кои наводно потоа се резервирани за руски нафтени компании, меѓу нив и Евро полис. Оваа e компанија која во 2016 е регистирана за трговија со храна, за во 2017 да биде регистрирана за трговија со нафта и нафтени деривати, по што отвора канцеларија во Дамаск. Компанијата успева да постигне и договор со Сирија во кој добива 25% од вкупното производство на нафта во Палмира, каде се наоѓаат најголемите и најбогатите наоѓалишта во земјата.
За сопственик на компанијата Евро полис се смета Евгениј Пригожин, човекот кој го поседуваше омилениот ресторан на Путин во Санкт Петерсбург, а подоцна стана познат по прекарот „Готвачот на Путин“. Од резимето на Пригожин се знае дека полнолетниот живот го почнал со 9-годишна затворска казна. Кога излегува од затвор почнува со работа со тезга за хот-дог. По ова отвора ресторан, кој со тек на време се претвора во ланец на ресторани, за кога Путин од Санкт Петерсбург заминува за Москва, Пригожин да биде организатор на неговите свечени вечери.
Две непотврдени ставки од портфолиото на Пригожин се дека е:
- Сопственик на Групата Вагнер.
- Организатор (финансирање и управување) на Агенцијата за интернет истражување, која беше првообвинета како носител на руското мешање во американските претседателски избори во 2016.
Пред воопшто да постои Групата Вагнер, во 2013 на руски војнички веб-страници почнуваат да се појавуваат огласи за работа во Сирија. Платата на огласите е 5.000 долари, а работата е заштита на сириските енергетски објекти за време на војната во земјата.
Огласите се од Славјански корпус, приватна компанија регистрирана во Хонгконг од двајца Руси со живеалиште во Санкт Петерсбург, Сергеј Крамској и Борис Чикин.
Славјански корпус е организиран од Моран секјурити груп, чиј најголем клиент до тогаш е државната нафтена флота Сомкомфлот со седиште во Санкт Петерсбург.
Сумата што ја нудат како плата привлекува голем број поранешни припадници на руските полициски и воени единици, и посебно специјалци, од кои добар дел имаат искуство во Првата и Втората чеченска војна.
Пролетта 2013 Моран почнуваат со интервјуа за пополнување на Славјански корпус. До октомври 267 лица потпишуваат договор со Славјански корпус за работа во Сирија. Еден од луѓето што е ангажиран во Славјански корпус е Дмитри Уткин, кој до самиот почетокот на приватната кариера во 2013 служи како специјалец во ГРУ (руското воено разузнавање) каде стигнува до потполковник.
Ангажманот на Славјански корпус во Сирија завршува со дебакл. Платениците, кои треба да служат со поддршка од сириската армија се крајно лошо вооружени и никогаш не ги добиваат ветените опрема и оружје (кога за една битка бараат да добијат тенкови, ним им се испорачани два автобуса заштитени со железни плочи). По една речиси погубна битка во Ал Сухна, тие комплет се пакуваат и се враќаат во Русија. Руските власти дури и апсат неколку припадници на корпусот под обвинение за „нелегална платеничка активност“.
Вратен дома, Уткин во 2014 организира сопствена фирма за платеници - Групата Вагнер. Приказната за изборот на името е дека Вагнер било кодно име за Уткин дур бил во служба, кое го одбира заради пасијата околу историјата на Третиот Рајх, и во чест на омилениот композитор на Хитлер, Рихард Вагнер. Една од шпекулациите околу компанијата е дека нејзиното раководство е составено од следбеници на Родноверие (нео-пагани кои ги следат верувањата и обичаите на старите Словени).
Во февруари 2014 припадниците на Групата Вагнер и неколку ветерани од Славјанскиот корпус за прв пат се забележани на военото поле во Крим и во Донбас, за време на војната во Украина. Таму тие и прв пат се поврзуваат со руската држава, откако, според тврдењата на украинското разузнавање, пресретнати се три телефонски разговори во кои Уткин му рапортира на полковникот на ГРУ, Олег Иваников, и на генерал-мајор Евгени Никифоров, од 58-та руска армија. Разговорите се толкуваат како индикатор дека Уткин е потчинет на ГРУ и на руската војска. На терен тие дејствуваат заедно со единиците на руската армија
Крим е освоен речиси без пролевање крв, па од таму околу 300 припадници на Вагнер се префрлаат во Донбас, каде изведуваат повеќе герила акции за дестабилизирање на локалните власти, при што освојуваат цели магацини со оружје и ја преземаат контролата врз неколку градови. Освен што учествуваат во битките за аеродромот во Луганск, украинското разузнавање обвинува и дека Вагнер стои зад соборувањето на авионот во кој погинаа 40 украински падобранци и 9 членови на екипажот. На почетокот од 2015 во битката во Дебалцево наводно ранет е и самиот Уткин кој добил шрапнел во црниот дроб.
Руски медиуми тврдат дека по смирувањето на борбите во Украина, платениците на Вагнер се ангажирани во елиминирање на команданти на про-руски милиции кои „се однесувале бунтовно“ кон новите власти и наредбите што важеле на терен.
Присуството на Вагнер во Сирија прв пат е пријавено во октомври 2015, кога после дополнителна обука, далеку поголем број на припадници на Групата Вагнер тргнува да се бори во тамошната војна. Процената на западните медиуми е дека само во 2016 загинале меѓу 500 и 600 руски платеници од кои најголемиот дел се од Вагнер.
Наводно за цело ова време Групата Вагнер е платена од руското министерство за одбрана. Тврдењето е дека до август 2016 министерството исплаќа 170 милиони долари.
Кога министерството прекинува со исплатите, Вагнер се префрла на друг модел на наплата во кој задржуваат 25% од производството на нафта во краиштата што ги ослободиле од ИСИС.
Во 2016 Уткин, кој за време на својата служба има добиено четири Медали за храброст, присуствува на прославата на Денот на хероите во Кремљ, каде е фотографиран со Путин.
До крајот на 2017 Групата Вагнер има 6.000 припадници, откако во Сирија пристигнуваат уште 2.000 лица од Чеченија и Ингушетија.
Групата Вагнер учествува и во првата и во втората битка за Палмира. Во првата се смета дека загинуваат 32-ца, а 80 се ранети. Во втората, заради послабата и застарена опрема и машинерија што ја добиваат, и послабиот состав на борци, загинуваат меѓу 40 и 60 платеници, а 180 се ранети. Според руски новинари припадниците на Групата Вагнер се незадоволни од тoа што на сириските сили им е дадено толкаво признание за освојувањето на Палмира, кога токму Групата Вагнер се тие што го обезбедиле градот.
Припадници на Вагнер се уште се во Сирија.
Додека ова се одвива во Сирија, Групата Вагнер се товари дека учествувала и во решавањето на неколку внатрешни немири во Луганск меѓу новите про-руски власти.
Во декември 2017 тие веќе се и во Јужен Судан на барање на претседателот Омар ал Башир, каде работат и на обезбедување и на обука на тамошната војска.
Од 2018 се редат африканските мисии на Вагнер, од Централно африканската република и Мадагаскар, до Мозамбик и Либија.
Во Либија тие се поддршка на војската на Хафтар и директно учествуваат во јуришот што Хафтар го прави за освојување на Триполи, кој заврши на само неколку километри пред главниот град на Либија. По пат Либиската национална армија (ЛНА) на Хафтар освојува голем број градови на југот на земјата, вклучително и Саба, најголемото нафтено поле на Либија.
Кога генералот Хафтар оди во посета на Москва и руското министерство за одбрана, на средбата има само едно лице што е во цивилна облека - Евгениј Пригожин.
Во 2019 Вагнер веќе има свои канцеларии во 20 африкански држави.
Не толку фронтовска позиција Групата Вагнер има во Венецуела, каде за време на претседателската криза и немирите во земјата, тие пристигнуваат како поддршка и обезбедување на Николас Мадуро, кој во тоа време се бореше против опозицијата спонзорирана од САД. Шпекулациите се дека Вагнер и претходно има присуство во Венецуела меѓутоа тогаш е за заштита на „бизнис интересите на Роснефт“. Се верува дека во пикот Вагнер во Венецуела брои 400 платеници.
Во средина на месецов, Вагнер обезбеди ангажман во Мали каде треба да бидат испратени 1.000 припадници на групата, по цена од 9,2 милиони евра месечно.
Сите овие борци на Вагнер, посебно новите генерации, обуката ја почнуваат во касарната на руското министерство за одбрана во селото Молкино (Краснодар). Според официјалните судски документи, локацијата не му припаѓа на министерството, туку е детско одморалиште.
Во моментот кога новите регрути влегуваат во тренинг кампот ним им е забрането какво било користење на социјални мрежи и општо на интернет. Тие не смеат да објавуваат какви било содржини (слики, видеа, текстови), а сите уреди што ги поседуваат им се одземени при доаѓање и смеат да ги користат само со дозвола од надлежните.
Регрутите ги оставаат и пасошите и другите документи за лична идентификација, а за возврат добиваат само плочка со реден број. Секој нов регрут мора да потпише 10-годишен договор за доверливост. За време на обуката тие се платени по 1.100 долари месечно.
И покрај вака испреплетената приказна меѓу Вагнер и рускиот безбедносен апарат, руските медиуми пишуваат дека во последните години полека пресушува соработката меѓу двете страни, посебно во делот со снабдување со оружје за платениците, од типот на најнови тенкови, радарска опрема и технологија, артилерија и слично. Од една страна руските безбедносни структури станале внимателни околу можноста ваквите паравоени формации да станат „инструмент за остварување на интересите на олигарсите“; а од друга страна, конкретно поврзано со Пригожин, што воените структури имаат презир кон неговиот воен конгломерат и репутацијата за корумпираност што тој ја носи со себе. Пригожин има договор за хранење на комплетната руска армија.
Главен пример за споменатата нетрпеливост меѓу војската од една и Вагнер и Пригожин од друга страна, е битката за сирискиот град Хашам, кога заради непознати причини руската армија дозволува да загинат меѓу 60 и 200 припадници на Групата Вагнер.
На 7 февруари 2018 голем број на платеници на Вагнер заедно со локални милиции и војници на сириската армија, недозволено минуваат внатрешна граница во источна Сирија договорена меѓу САД и Русија уште во 2015. Напаѓачите отвораат оган кон воената база контролирана од курдските сили и од САД која ја чува Коноко рафинеријата во Даир ал Заур. Американците возвраќаат на нападот, меѓутоа напаѓачите и понатаму упорно притискаат. Тогаш американската команда повикува серија разорувачки воздушни напади и целосно го задушува нападот.
Крајно невообичаено за нападот е што според Пентагон САД имаат комуникација со руските воени команданти во Сирија „пред, за време и по нападот“ и биле осигурени од Русите „дека во него не учествуваат Руси“. Тогашниот американски министер за одбрана на сослушување пред Конгресот сведочеше дека „руската команда во Сирија нè осигури дека таму нема нивни луѓе“. “Имајќи предвид дека американските команданти внимателно го следеле напредувањето на единицата од руско говорно подрачје во нивната зона, може да се претпостави дека и руското воено разузнавање исто така било целосно запознаено со движењето на групата,“ пишува Кимберли Мартен во својата обемна анализа. Вашингтон пост објавува документи протечени од американското разузнавање според кои за време на нападот Пригожин бил во постојан контакт со Кремљ, и дека Пригожин им се фалел на Сиријците дека за време на нападот ќе се случи „брз и одлучен“ удар. Заради ова многу е веројатно дека Кремљ знаел што се случува.
Иако ранетите војници на Вагнер во оваа операција биле лечени во руски воени болници, хеликоптерите кои ги евакуираат од военото поле до руската база доаѓаат од Групата Весна која е дел од Вагнер, бидејќи руската војска одбила да ги спаси од боиштето со што ја одолговлекле грижата за ранетите борци.
Пригожин и понатаму негира дека е сопственик на Групата Вагнер.