Историска пресуда: Инстаграм и Јутјуб намерно создаваат зависност кај младите

Во историска судска одлука, Мета и Гугл се прогласени за виновни за намерно предизвикување зависност кај млада жена преку платформите Инстаграм и Јутјуб. Поради нарушување на нејзиното ментално здравје, ќе мора да ѝ исплатат отшета и казна од вкупно 6 милиони долари. Пресудата отвора пат за уште илјадници тужби поднесени од родители, деца и училишта.

По маратонско заседавање од девет дена, поротата во Лос Анџелес ги прогласи технолошките гиганти за виновни за сите точки од обвинението во случајот „Кејли против Гугл и Мета“. Мета ќе мора да ѝ исплати на 20-годишната тужителка  4,2 милиони долари, а Гугл 1,8 милиони.

Првичното обвинение се однесуваше и против Снепчет и ТикТок, тие се спогодија пред почетокот на судењето на 9 февруари.

Во текот на пет недели, адвокатите се расправаа околу спротивставени наративи за природата и влијанието на социјалните медиуми врз мозоците на младите луѓе, што знаеле раководителите на компаниите и што точно ги предизвикало долгогодишните психолошки превирања кај младата жена. Судењето се фокусираше на дизајнот и работењето на платформите, особено функциите како бесконечно скролување и филтрите за убавина.

Бранителите на технолошките гиганти ги отфрлаа обвинувањата дека менталното здравје на жената било влошено од зависноста од социјалните медиуми и тврдеа дека причините биле хаотичниот семеен живот и злоупотребите.

Тужителката сведочеше дека почнала да го користи Јутјуб на 6-годишна возраст, а Инстаграм на 9-годишна возраст, и наскоро развила анксиозност, депресија, телесна дисморфија и други нарушувања. Таа била зависна од мрежите и понекогаш на нив поминувала по 16 часа дневно.

Девет од 10 американски тинејџери го користат Јутјуб, а 73% прегледуваат содржини секој ден, , според податоците на истражувачкиот центар Пју од 2024 година. Инстаграм, по Јутјуб, е втората најкористена платформа за дигитални содржини во светот. Двете секој ден имаат помеѓу 2 и 3 милијарди корисници.

Директори на компаниите негираа дека дизајнирале апликации што создаваат зависност или дека се насочиле кон малолетници.

За мене, најважно е да осигуриме дека испорачуваме вредност и дека луѓето имаат позитивно искуство. Ако тоа се случи, мислам дека луѓето природно ќе поминуваат повеќе време на платформата, сведочеше директорот на Мета, Марк Закерберг.

Само еден ден претходно, Мета беше казнета со 375 милиони долари врз основа на тужба во Ново Мексико. Во тој случај, поротата утврди дека компанијата ги довела во заблуда потрошувачите во врска со безбедноста на своите платформи и овозможила штета, вклучително и сексуална експлоатација на деца. Компанијата објави дека ќе ги обжали двете пресуди.

26 март 2026 - 08:37