Не е кај нас:

Зумерите и миленијалците се во љубов со своите локални библиотеки

Обично мислиме дека се залепени за телефоните, ама излегува дека не е така.

Американска студија покажува дека 92% од нивните зумери и миленијалци секој ден проверуваат социјални мрежи, а 25% од нив го прават тоа повеќе пати во еден час.

А сепак, истата таа репрезентативна студија покажува дека зумерите и миленијалците посетуваат библиотеки - 54% редовно оделе во 2022.

Наодите ги потврдуваат податоците од 2017 година, кои покажуваат дека 53% отишле до библиотека во 12-те месеци претходно, а наспроти тоа, 45% од генерацијата Икс и 43% бумери.

Се открива дека младите повеќе сакаат печатени книги од електронски и аудиокниги, иако сите други омилени формати им се исклучиво дигитални, како игри и веб-романи. Зумерите и миленијалците во просек читале две печатени книги месечно, што е речиси двојно повеќе од електронски и аудио.

Желбата за печатено се манифестира и кај типовите на книги што ги изнајмуваат и купуваат: 59% рекле дека истата приказна би ја читале како графичка новела, отколку само како текст. И иако некои графички новели и стрипови се читаат на екран, веројатно ќе се согласите дека најубаво сјаат во печат.

Дури 23% од зумерите и миленијалците не се сметале себеси за посветени читатели, иако посетиле библиотека во годината земена за истражувањето. Ова потсетува дека библиотеките не се само за чување книги. Внатре посетителите снимале подкасти, правеле музика, работеле со пријатели или играле видео-игри. Истовремено се тивки места со бесплатно ви-фи, совршени за студенти или луѓе што работат од дома.

Помладите генерации имаат тенденција да ги привлекуваат вредности, за разлика од постарите, а начинот на работа на библиотеките кој се базира на споделување е нешто во кое се пронаоѓаат. Си наоѓаат и безбеден слободен простор за криење од комерцијализмот - нема реклами, нема додатни трошоци (ако ги враќаш книгите на време) и нема колачиња што ти го следат и препродаваат однесувањето.

Иако библиотеките последниве години беа принудени да се соочат со забранување книги и политизација на јавниот простор, зумерите и миленијалците сè уште ги гледаат како оаза - место каде што може да се исклучи постојаното скролање и преплавеност со информации, макар и привремено.

Ова може да се гледа и како лајф-хак за успорување - исто како и нивните „нови“ откритија во вид на телефони на преклопување и друштвени игри.

Печатените книги не ти пингаат и не те оставаат на seen. А кога младите по некое време ќе се вратат на интернет, книгите одлично им се вклопуваат со хаштагот booktok каде што на пример можат да ги споделат омилените книги.

Како да го донесеме ова кај нас?

6 февруари 2024 - 00:01