Кога беше претставен во 2022 година, Вог клубот звучеше како примамлива понуда - 30 долари месечно (или 300 годишно) за пристап до ексклузивни содржини: стримови од модни недели, интервјуа со уредници, специјални новости, па дури и рани најави за производи. Понудата беше насочена кон модни ентузијасти, креатори на содржина и општо млади кои сонувааа да бидат дел од светот на Вог.
Сепак, зад гламурозната фасада, платформата се мачеше да задржи внимание. Дел од членовите се жалеа на нејасни бенефити, ретка комуникација и содржини кои не беа доволно уникатни за да го оправдаат ценовникот. Одредени корисници дури сметаа дека самата идеја на клуб се коси со суштината на Вог - елитистички и селективен, но не и „инфлуенсерски“ бренд што нуди задкулисни видеа за секој што ќе плати.
Во јули 2025, членовите беа информирани преку е-пошта: „Постојано ја преиспитуваме нашата стратегија, и донесовме одлука да го затвориме Вог клубот.“ Дополнителни објаснувања немаше.
Овој потег открива нешто пошироко: медиумските куќи сè уште експериментираат со модели за монетизација надвор од традиционалното рекламирање. Претплати, членства, ексклузивни платформи сè почесто се нудат како алтернативи, но ретко кој модел се покажува како навистина одржлив. Во случајот со Вог, се чини дека дигиталното „клупско“ искуство не успеа да ја замени магијата на печатеното издание, ниту да создаде вистинска заедница.
Дополнително, клубот на Вог згаснува во време кога индивидуалните креатори (на ТикТок, Сабстак, Јутјуб) имаат повеќе влијание од цели редакции. Младите љубители на мода бараат автентичност, пристапност и двонасочна комуникација - нешто што клуб со пејвол тешко може да го понуди.
Засега, Вог останува фокусиран на својата дигитална платформа, печатеното издание и модните настани. Но овој тивок пораз служи како потсетник дека дури и брендови-икони може да промашат кога ќе се обидат да ја купат лојалноста во еден свет кој сè повеќе ја очекува - бесплатно.