Зошто водите монолози на социјалните мрежи?

Платформите се одлични за промоција на секој вид проекции и одбрани на личниот идентитет и на пумпање на его. За жал, добри се и за создавање на секти на истомисленици кои потоа ти ги потврдуваат измислиците.

Социјалните мрежи имаат навистина голема примена во поврзувањето на луѓето и размената на мислења. Меѓутоа, покрај социјалните промени што луѓето ги буткаат во една автентичност, мрежите всушност отворија простор секој да каже што сака без никакви аргументи и за тоа да стекне публика.

Всушност, социјалните мрежи претворија плејада од различни идеи и ставови кои основа можат да имаат само во капацитетот на фантазијата на оној кој ги кажал. Ним не им е потребна проверка, туку публика и истомисленици.

Затоа што сè помалку ги слушаме другите, а повеќе се слушаме себеси, не ги ни користиме мрежите со некого да размениме мислења, туку некого да убедиме дека сме ние во право.

Погледнете само како изгледаат расправиите таму. Квалитетот на тие расправи воопшто нема некоја врска со тоа дали тој што пишува е образован или не, туку колку мора да ја зачува идеалната слика за себе. Кога ќе видите дека некој делува екстремно „погодено“ во тие расправи, тоа зборува за тоа колку е тој идентитет нестабилен, а публиката потребна. Да не е толку нестабилен идентитетот, не би морал да се брани по секоја цена и тоа со искажување омраза кон соговорникот.

Тие расправи главно покажуваат омраза и од едната и од другата страна и потполно непознавање на правилата за разговор и расправа. Трагично е колку во такви случаи се кршат основните начела на логиката, што само укажува на тоа колку е од животна важност победата или поразот во даден потфат.

Интересно е колку луѓе не се во состојба во расправија да не го доведуваат во прашање нивниот став, а туѓите ставови да ги напаѓаат не во вид на став, туку со напаѓање на личноста на соговорникот и со омаловажување. Обично расправиите се во форма на монолог и се сведуваат на три главни реченици. Луѓето не разбираат дека дијалогот е исто така расправа во форма на разменување аргументи. За разлика од тоа, овие реченици се или од тип: „Ти немаш поим, не е ни чудо што така мислиш“, или „Не се согласувам, затоа што мислам поинаку“, што е всушност друг начин да ти каже „Јас сум навикнат да мислам поинаку, значи ти немаш поим и не сакам да разгледам поинаква перспектива затоа што тоа животно ме загрозува.“ Меѓутоа, најинтересни се тие што нудат аргументи што врска немаат со она што се расправа, како изјавите: „Ова е доказ дека ти сакаш тоа и тоа, значи ти нас нè мразиш.“ Овие расправи не се расправи, туку класични монолози на кои луѓето се сè посклони, затоа што повеќе живеат во своите светови, а сè помалку ги земаат туѓите предвид.

Затоа што самодовербата им е загрозена, единствено можат да ја одбранат со екстремна одбрана на секој свој став и напад на било кој што има спротивен. Ова пумпање на нарцизмот во јавната сфера на која социјалните мрежи придонесуваат сериозно ги загрозува самите темели на општеството.

Ваквото резонирање, ваквиот подем на нарцизмот, зависта и грандиозноста доведува до кршење на сите општествени институции затоа што доведува до кршење на образованието и институциите на доверба, ја руши критичката мисла и го соголува (посебно кај нас) образованието кое е сведено на повторување на наученото напамет.

Ваквите расправи потоа создаваат уште поголем јаз меѓу луѓето, но и јаз меѓу луѓето и образованието, па уништувањето на институциите прво оттаму тргнува. Дозволено е да мислиш што сакаш, иако за тоа не знаеш ништо. Секогаш постои уште некој на интернет што мисли како тебе, а може има и цел Јутјуб канал посветен на тоа да докаже дека твојата измислица е реална.

Заради користењето на поимот автентично, луѓето веќе не се градат себеси преку односи, преку однос со себе, со книга, со критичка мисла; се градат преку аргументација која произлегува од нивното фрагилно его. Оваа аргументација се сведува на логички облик: „Јас чувствувам дека Х е исправно, што значи мора да сум во право и сите што мислат спротивно мораат да заќутат.“ Таа идеја дека автентично е сè тоа што јас чувствувам и доведе до општество каде што никој никого не слуша освен сопствените проекции, па тоа се пренесува на сите сфери на човечкото искуство.

Врските ни завршуваат кога ќе престанеме да ги чувствуваме тие првобитни чувства од периодот кога уште не сме ја запознале личноста, пријателствата ни се завршуваат кога ќе почнеме да не мислиме исто, и во ниеден момент не се запрашуваме, дали е тоа всушност автентичност, или одбрана на сопствените проекции?

Социјалните мрежи се всушност одлични за промоција на секој вид проекции и одбрана на личниот идентитет и пумпање на егото. За жал, сè помалку има луѓе што сакаат да научат нешто во дијалог едни со други, туку ги користат платформите за монолог и создавање на секти исотмисленици кои потоа ги потврдуваат нивните измислици.

Овде доаѓа до кршење на институцијата дијалог, на критичкото мислење, здравото самопочитување, затоа што сечие мислење ни прети. Затоа и нема доверба кон другите, ниту кон научните ставови, затоа што сè што е спротивно на моето мислење се третира како удар на моето его.

Науката така се третира или како лага која мораме да ја удриме со сета сила,  или како митолошко суштество, ентитет за себе, „наука“ на која треба да ѝ принесуваме жртви, без никакво преиспитување или критички мисли.

Оваа поделба на светот на црно и бело плаши, затоа што може да нè вовлече во состојба на општ хаос, во кој ќе имаме население што не верува на било што што има врска со наука и научници, кои веруваат во сè што ќе прочитаат без никаква желба да го прочитаат истражувањето, да видат како е направено, да спроведат сопствено итн.

За жал, и едните и другите потоа стануваат луѓе без критичка мисла. Стануваат површни. Поврзувањето со другите на номинално ниво не довело до разговор, туку го соголило тоа колку нам ни е лошо сами со себе и колку ни е нежно егото. Нежното его потоа се лечи со желба за поништување на другиот, желба за омаловажување и сите можни проекции на кои мислиме дека имаме право.

Штетата е што никој не ни објасни дека правото на сопствено мислење е различно од однесувањето, затоа што однесувањето може да биде опасно по другите. Нечии измислици можат да загрозат други. Но, зошто тоа го прават? Затоа што така имаат плејада од обожаватели и конечно се чувствуваат важно и битно, а тоа сè ви кажува за општеството во кое живееме.

-Милан Дамјанац, Велике приче

31 јануари 2024 - 11:51