Зошто светот на модата е толку опседнат со папарацо-култура?

Папарацо на италијански значи „досаден“, и така ги викаат фотографите што никој не може да ги поднесе во шоу-бизнисот.

Имало и такви што ги прифаќале - Енди Ворхол на пример, кој во 1979 има напишано: „Мојата идеја за добра фотографија е кога е во фокус и е од славна личност што прави нешто неславно.“

Во кампањата на италијанскиот моден бренд GDCwear, со наслов BACI FROM LA нема селебрити-фаци, туку манекенки во секојдневни активности на богатите и славните што упорно ја фасцинираат публиката - и другите модни брендови.

Една кампања на Ботега Венета што скоро излезе ги има АСАП Роки и Кендал Џенер на папараци-фотки лиценцирани од Гети. Кон крајот на минатата година и MrSelfPortrait пушти нападна кампања божем за таблоид на социјалните мрежи за Британските модни награди, и нели, да не останат покусо, Баленсијага сценираа цела модна ревија на богаташки булевар во Лос Анџелес.

Кратко пред сево ова, уметникот порано познат како Канје Вест нареди клонови на неговата тогашна сопруга Ким Кардашијан да се шетаат во Јизи за папараци-сликање.

Можеби е само 20-годишниот циклус на трендови што предизвикува брендовите да се помират со тој тип на фотографии, или барем да изгледа дека се помириле. Во 2005, Вог Италија го објави „холивудскиот“ едиторијал на Стивен Мајзел, каде што беа превртени традиционалните теми на високата мода и наместени во анти-мода фазон со проста естетика и сега веќе носталгична Y2K мода.

Сепак, последниве години, пристапот (и естетиката) на папараци-фотографијата се промени. Фотографот на славните Мајлс Дигс, чија работа често ги заматува границите на спонтано и исполирано, заслугата за неговиот стил ја припишува делумно на ефикасноста:

„Има нешто посебно во тоа да видиш некого во движење, без да позира, и без да имаш потреба од комплетна продукција за фотографирање - тоа е толку задоволувачко и познато,“ вели тој.

Постои и елемент на новото „божем непланирано“ (терминот е plandid, од planned и candid) - да ги осмислиш сликите да изгледаат спонтано.

Не е само да побараш другарка ти да те слика за на Инстаграм - туку да знаеш дека на папараците ќе им биде доволно битно да дојдат по тебе.

4 февруари 2024 - 21:21