Зошто шишање жени е поскапо од шишање мажи?

Насловот, вака со прашалник, не сака да каже дека подолу ќе го објасниме овој феномен. Никој не го објаснува. Се работи за едно благо негодување.

Знаете како викаат, бизниси за свадби и погреби секогаш ќе носат пари? Е па, и за фризерај важи истото.

Да почнеме со легитимно признание: фризерите се обучени професионалци што често знаат и магија да направат, а да имаш свој салон чини пари, па се разбираме зошто често наплаќаат големи суми. Но, се поставува прашањето: како магично машките фризери и берберите наплаќаат помалку?

А сите познаваме жени што влегуваат по машки фризери, поретко затоа што „го уловиле дека добро шиша”, почесто затоа што едноставно е поевтино. И стварно знаат разликите да бидат фрапантни.

Шишање и обликување за мажи на бербер - 150 денари.

Шишање и обликување за жени во салон - 1500.

Океј, жените имаат повеќе коса и повеќе барања (по ново и мажите не се за запоставување со барањата), но - што правиме со жените што имаат машки фризури?

На оваа тема што баш и не е од толкаво животно значење, а сепак на сите повремено ни текнува, мислење има Сирин Кејл од Гардијан, и тоа не е баш блага во бесот кон фризерите, а го оправдува тоа како „човек што пишува мисли за пари”:

„Дечко ми може да се шиша кај турски бербер за 12 фунти. Најевтината опција за жени е 53 фунти, а за таа сума не ти ни мијат коса (А кражба е што наплаќаат екстра за миење коса, како ставање на косата во лавабо да чини 30 фунти). Немам намера да плаќам повеќе од 35 фунти за шишање. Едноставно, одбивам. Што значи дека најчесто се шишам на одмор, каде што е поевтино и ова секогаш функционира. Како човек што седи на тастатура и „мисли” за плата, имам право да им сугерирам на луѓе што работат нешто чија цена ја одредува општеството. Ама да им наплаќаш на жени три, дури и четири пати повеќе за услуга што е во основа иста како за мажи едноставно не е како што треба. Пофер систем би бил фризерите да наплаќаат врз основа на тоа колку време им треба, без разлика на полот. И берберите мора да почнат да примаат жени.”

Мислите дека доаѓа во Македонија на одмор? 

17 јануари 2020 - 13:04