Нина Гавриловиќ за Блиц:

Зошто прва ќе застанам во ред за вакцина

Добар ден, драг читателу. Се надевам дека овој текст те наоѓа здрав и со барем малку останати нерви во ова ненормално време. Сега очекуваш текст во кој некој ќе ти се дере и ќе ти рече, „Сите што не веруваат во вакцини се луди теоретичари на заговор, и сега јас ќе се спуштам од рајот, за на овој неук свет да му ја објаснам длабочината на неговата заблуда“. Такви луѓе ми се одбивни. Ова нема да биде таков текст.

Нема, затоа што е крајно време да престанеме да се вреѓаме едни со други, да урламе секој своја омилена парола и пандемијата да ја влошуваме со поделби, пцовки и напади. Ние сме сите ист народ, живееме во истиот пекол на неизвесноста и во истото балканско буре барут во кое сега има биолошк идинамит. Сите сме на раб на експлозија.

Неодамна, една анкета на Блиц покажа дека 50% од луѓето и понатаму размислуваат дали да примат вакцина, а тоа многу ми кажува за пандемијава. Ми кажува дека одамна сме се запустиле меѓу себе. И тоа е загноено.

Не мислам дека луѓето што се скептичини во однос на вакцините се луди. Мислам дека им е смачено. Смачено им е да им викаат - засукајте го ракавот и верувајте ми, без таа доверба да ја објаснат. Затоа што, ако нешто научивме во 21 век како обичен свет без милиони во банка и врски - тоа е да не веруваме никому. И еве што ќе побарам од вас. Не ја барам вашата доверба затоа што е ваша да ја давате каде што мислите дека треба. Ми треба само вашето внимание.

На кого му се исплати да примите вакцина

Вакцините се производ. Се разбира, некој од нив ќе има профит. Исто како и од лековите за срце, холестерол, пумпите за астматичари и инсулинот за дијабетичари, анестезијата кога одите на забар, лековите за главоболка и апчињата против мачнина. Има случаи на лоши реакции на сите лекови. Тоа, се разбира, не значи дека на член од вашето семејство ќе му забраните иглата да си ја стави во стомак.

Дали имам поим како се синтетизира инсулин? Не баш. Дали би ми значело нешто ако ми се каже хемиската формула на лековите за притисок на татко ми? Слабо. Дали е можно со години да нѐ „чипуваат“? Океј, не е сосема невозможно, ама за следење на нашето движење, на луѓето што заработуваат од нас не им треба микро микро микро чип, толку мал, за да го собере во течност од вакцина. Сите податоци за вас што некого го интересираат, можат да се добијат веднаш, преку многу поголемите чипови што сите ги носиме во своите телефони.

Јас ќе ја примам вакцината штом ќе можам, исто како што примив и бе-се-же, полио и тетанус. Исто како што сум ревакцинирана цел живот. Како и вие. Цел живот примаме вакцини и на никој не му пораснаа рогови - тогаш зошто толкав отпор кон нив во последниве неколку години? И зошто сега? И - ајде да поставиме логично прашање - на кого му одговара тоа?

На кого му се исплати да не примите вакцина

Обрнете внимание на блоговите и видео снимките во кои се зборува за вакцинација, чипови и планови за владеење со светот. Не се нови. Тоа се исти и слични снимки со кои раскажуваа дека и крајот на светот ќе дојде во 2012, дека се ближи астероид и дека ХААРП сите ќе нѐ убие. Па, ете сме, доживеавме уште еден наводен крај на светот. Блазеси ни. Идејата на оние кои не сакаат вакцини е дека тие предизвикуваат болести, не се испитани, некој нѐ контролира преку нив и така натаму. Звучи страшно. И тоа е всушност поентата. Погледнете како доаѓаат тие вести до вас - преку мрежа снимки од Јутјуб. Страници. Чудни блогови без потпис, со име србија022истина и слично. За такво пласирање информации е потребна организација. И пари. На кого му се исплати за тоа да дава пари?

На луѓето кои преку тие текстови што ги кликате заработуваат повеќе од најголемите медиуми. Нека ви текне - тие не префрлаат плати, кирии за фирми и придонеси. Тие седат некаде и истиот текст што вие сте го прочитале во Србија, го пуштаат на луѓе во Бугарија, Естонија, Чиле и Алабама.

На луѓето кои продаваат алтернативни лекови и заработуваат на туѓата мака по принцип „Убеди го дека вакцини не функционираат, па напикај му 21 чај од ретка скапа билка што лечи корона. Само тргни ја налепницата дека лечи тумор, ќе го јадеме.“

На луѓето кои стекнуваат слава тврдејќи дека знаат повеќе од другите и дека некој сака сите да нѐ убие со вакцини.

На фармацевтските куќи никако не им се исплати никого да убијат. Да убиваш луѓе од кои можеш да заработиш милиони е многу лош бизнис модел. А да ги убедиш луѓето дека доктори, сестри во секоја ординација во секоја дупка на светов ги лажат, дека роднините, комшиите ги лажат, а само ти ја знаеш вистината е маркетиншки трик на деценијата. И се злоупотребува тоа што луѓето се збунети и ранливи.

Го користат фактот што науката вика „јас ова не го знам“, затоа што звучи многу подобро кога некој на улица вика „Е, јас знам. Еве лесно решение, верувајте ми мене“, отколку да се каже дека процесот на барање на секој лек се состои во правење грешки, додека не се најде вистинскиот. Затоа сѐ уште се чека на вакцини. Затоа сѐ уште се работи на нив. Затоа е прашање кога ќе бидат готови и вакцините и тестирањата. Здравствените работници не се луди на себе и на своите семејства да дадат ѓубре.

За короната зборуваме сите без престан.

За рубеола, магарешка кашлица, детска парализа, заушки и туберкулоза не. Не мораме. Вакцините ги искоренија.

Не верувајте никому на збор. Не ми верувајте ни мене. За пофалба е што сме љубопитни и бараме податоци за да ги заштитиме тие што ги сакаме, опасно е кога некој тоа сака да го искористи и да ни ги наметне своите интереси. Нашиот народ не е ни глуп ни луд. Нашиот народ преживеа и тоа што ретко кој во Европа може да замисли.

Вакцините го штитат светот од 1796 година. И тогаш им ги давале на луѓето дури откако биле сигурни дека функционираат. Зборуваме за 18 век. Денес зборуваме за луѓе кои со цел свој живот и кариера гарантираат дека знаат што прават, појавно од кога и да е. Зборуваме за целиот свет, не само за Србија која и да сака, веројатно ќе мора да почека побогатите земји први да ги вакцинираат своите.

Ако мислите дека се во игра разни интереси и лобија, чувството не ве лаже. Размислете само во чиј интерес е вие да не застанете во ред.

-Нина Гавриловиќ

29 јули 2020 - 00:49