Ајнштајн, Стив Џобс, Бетовен, Рокфелер - заедничко им е што биле неверојатно успешни во нивното поле и сите се опишани како генијалци. Лекцијата од нив е дека успехот и интелигенцијата одат рака под рака, а сепак, без разлика што е така, не е до крај вистина дека коефициентот на интелигенција е клучот за успехот - општата интелигенција не е синоним за апсолутната интелигенција. Всушност, без разлика на популарната перцепција, коефициентот може да не е ни она што прави разлика меѓу успешните до степен на слава и сите останати. Таа разлика се наоѓа во друга форма на интелигенција - емотивната.
Психологот Абрахам Маслоу воведува концепт на емотивна сила, а психологот Хауард Гарднер вклучува и интер и интраперсонална интелигенција во теорија за повеќе интелигенции. Во мејнстримот влегува со книгата на психологот и новинар Даниел Голман. Тој ја дефинира емотивната интелигенција како „капацитет за препознавање на сопствените чувства и чувствата на другите, за мотивирање себеси и за менаџирање на емоциите во нас и во нашите односи.“
Понатаму расправа дека општата интелигенција и емотивната интелигенција се разликуваат и без разлика што културата ја смета интелигенцијата за битна варијабла за успехот, таа перцепција доведува до потценување на виталната улога на емотивната интелигенција во работата и животот. Според него, многу луѓе што се начитани и интелигентни, но не и емотивно, завршуваат работејќи за други луѓе кои се помалку интелигентни од нив.
Петте столба на емотивната интелигенција се:
- Свесност за себе: Да знаеш како се чувствуваш и реално да ги проценуваш своите способности
- Себерегулација: Користење на емоциите за да пристапиш на одредена задача наместо да си пречиш
- Мотивација: Да ги користиш желбите за да те водат кон целите и надминувањето на пречките
- Емпатија: Осет за тоа што го чувствуваат другите и гледање на работите од туѓа перспектива
- Друштвени вештини: Менаџирање на врските за да се подобри соработката и да се решат несогласувањата.
Дали емотивната интелигенција може да се култивира?
Недостасуваат истражувања што можат да дадат дефинитивен одговор на ова прашање, но доколку ја сметаме емотивната интелигенција за способност, тогаш важи дека со вежбање се усовршува. Ако е карактеристика на личност, тогаш проментата ќе бара да смениш не само како размислуваш и се однесуваш, туку и да ја смениш перцепцијата за себе.
Конечно, клучот за освојување на овие столбови е ефикасност во однос на себе - верувањето во себе и во сопствениот капацитет за промена и достигнување. Без тоа не се може напред, па затоа и се смета дека вербата (во себе) е првиот чекор на патувањето кон емотивната интелигенција.