Зошто му течеше бојата на Џулијани?

Сме виделе како тече во туш кабина кога е тазе фарбана, ама вака да излезеш на говорница, да се испотиш и да тече боја не сме виделе. Фризерите сепак, имаат објаснување.

Повеќе њујоршки фризери реагирале со гадење и веќе има изјави за медиуми: се работи за прскање со некаква боја набрзинка, пред да се појави пред јавност.

Еден од нив, Мирко Вергани, чија специјалност е фарбање вели,

„Си реков, како може човек да работи во политика и вака да се појавува на телевизија? Беше премногу чудно. И кој и да ја нанел бојата ставил премногу и не ја изблендирал како што треба. Имаше темни прамени коса и видовме како заврши тоа.“

Крајниот заклучок е тажен, реално. Ерика Флешмен која има три свои салони на Менхетн вели дека ѝ е многу позната ситуацијата: стар човек преплашен што старее и му белее косата; и одеднаш, точно пред да излезе пред народ забележува бели влакна, паничи - и бара некаков евтин спреј. „И сега гледајте каде завршивме. Поуката е дека треба да тераш со твојата коса. Ишишај се најдобро што можеш за да изгледаш модерно и младо.“

Флешмен инаку не им дозволува на нејзините екстремно богати, постари машки клиенти да се фарбаат. „Многу сум строга,“ вели таа, „и позната сум по тоа. Не знам дали е тоа добро или лошо. Но, знам како треба.“

Наравоучение: Мажи, кога веќе вие сте полот што старее подобро, не се глупирајте со вакви работи.

24 ноември 2020 - 11:18