Зошто мажите носеле перики?

Преку еден век, европските мажи одбивале да излезат од дома без да натнат огромно перикиште, со локни или барем бранови, ако ништо друго. Но, напудрените перики не биле баш така наивна работа.

Во 1490-те, низ Европа почнува да се шири сифилис. Се пренесувал преку сексуален однос и пред да се пронајде антибиотикот, немало лек. Чести симптоми биле губење на коса на некои делови од главата и отворени рани, но во доцните стадиуми на болеста, луѓето губеле очи, носеви и дланки, а бидејќи страдал и мозокот, полудувале.

Тука доаѓа лукавиот начин што европската аристократија го смислува за да ги скрие доказите за венерична болест. Долгата, бујна коса станува статусен симбол, па наместо да покажат ќелава глава, богатите Европјани се вртат кон перики.

Од таму, периките стануваат бизнис. Прво се правеле од коњска, козја или човечка коса и биле скап додаток. Евтините кои биле наменети за сиромашните се правеле од волна. Кога им пораснала популарноста во доцниот 17 век, мажите се мачеле да соберат што е можно повеќе коса на главата, а некои до толку претерувале што на глава носеле коса од 10 различни луѓе. Страшно било и да си здрав, a генетски ќелав бидејќи ќелавоста се поврзувала со сифилис, па едноставно сите давале пари на перики.

Луи XIV уште од тинејџерските години почнал да ја губи косата, но бидејќи бил опседнат со својата репутација, ќелавоста не му се вклопувала во замислата за Кралот Сонце. Решение? Вработени 48 изработувачи на перики, кои и покрај трудот, не помогнале во спречување на гласината дека кралот има сифилис.

Понатаму, периките стануваат секојдневие, па луѓето почнуваат и да ја бричат главата за да носат перика на раат. Ова го решило и проблемот со вошки, но не за долго, затоа што вошките се преселиле во перики.

До крајот 18 век, периките станале популарни и кај жените. Жените од високите класи и од кралските дворови имале свои фризери кои им додавале надградба и шноли, а самите тие користеле парфимирани пудри за коса со мирис на лаванда или портокал во надеж дека барем малку ќе се покрие мирисот на целата таа смрдлива ера.

Со Француската револуција се случуваат огромни промени во модата и огромните, напудрени перики воопшто не се вклопувале во новите, поедноставни трендови. Подраматичен крај имале само периките во Британија - во 1795, Вилијам Пит лобирал за голем данок на пудра за коса. Ова води до крај на трендот и веќе до почетокот на 19 век, кратката, природна коса доаѓа на сцена.

Терминот bigwig до ден денес се користи во англискиот за да се опише некоја важна личност.

19 април 2023 - 14:06