После текстот за 10-те најстрашни епизоди од „Зона на самракот“, фатив да ги прегледувам старите епизоди од ’60-ти и по којзнае кој пат заклучив дека се безвременски. Дури и тие што ги прегазило времето не се прегазени до крај. Се разбира, прелетува епизода со детали што од денешен аспект се глупи: Земјата се движи кон сонцето и Њујорк врие, а сите се препотуваат и има рестрикции за вода, гласот на радио во еден момент се крши и вика, „Ма што ќе ви кријам, ќе ви кажам ајде, утре ќе биде ТРИЕСЕТ И ДЕВЕТ СТЕПЕНИ, тоа е луѓе, готово!“ Епизодата ја гледав во најжешките денови во јули и мачно се изнасмеав на тој податок додека климата се трудеше да постигне. Уште посмешно беше кога улета очаен лик да краде вода, гол, препотен - ама со сако. Веројатно во ’60-ти не било прикладно да се шетаат луѓе голи до појас на телевизија, па некако паметно им се видело - гол со сако. Дека жешко, затоа.
И сега, пред некој ден, се појави твит со препорака за „Зона на самракот“ од Џордан Пил, а бидејќи Џордан Пил заврши одлична работа со Us и Get Out, се разбира дека мораше тоа да се провери.
Серијата е од 2019-та, продуцент е Пил, истовремено и наратор, како Род Серлинг, а има различни сценаристи и режисери. Почнува јако, со епизода што е природен, „2020“-одговор на епизодите, чувството, режијата и пристапот од ’60-ти. Ова се задржува и до втора епизода, и од таму - проблем. Ама не проблем во интересно - забавно е за гледање, само што некаде на пола прва сезона сфаќаш дека гледаш интересна серија на Џордан Пил, ама „Твајлајт“ - не гледаш.
Можеби ова се должи на јасната намера преоблекувањето на серијата по секоја цена да содржи социјален коментар и современ приказ на времето. Има и МеТоо, и БЛМ и Трамп и оружје и главно ќе коментирате „добро, можно ли е Американците да се толку глупи и толку да влијаат на цел свет?“.
Во Replay, имате класичен твајлајт-концепт кој полека се претвора во друго кога ќе му ја додадеш темата БЛМ и е одлична епизода, АМА за серија со друг наслов.
The Wunderkind е сатира за неспособноста на американските политичари, Трамп и омаж на епизодата It’s a Good Life (со детиштето што ако не му одат по ќеиф, буквално прави да ги снема, епизода што беше прогласена за најстрашна). Можеби најдобра во цела сезона е МеТоо епизодата, со бодликав наслов Not All Men („Не се сите мажи исти“), што нема врска со „Зона на самракот“, ама па одлично прикажува со што мораат жените секојдневно да се справуваат - појачано х100.
Посветените фанови ги частат со по некој easter egg, па ако сте внимателни, и во прва и во втора сезона ќе го забележите стратешкото поставување на очилата од Time Enough at Last, длабоко врежани и уште со свежа болка во душата на секој што растел со серијата, плус лицето на животињата од крилото на авионот/докторите во Eye of the Beholder, плус куклата на Тели Савалас, и веројатно уште некои што треба да ги споделите со нас.
Сумирано: скроз занимливо и препорачливо за гледање, со референци кон грдото секојдневие на оној ненаметлив начин за кој е способен Џордан Пил, со впечатливи сценарија и теми на муабет за после.
Само што, сепак - чекори на граница меѓу сосема нова серија и „Црно огледало“, ама - само прошло покрај „Зона на самракот“.
~Јана