Женските апликации не се баш за жени

Во последниве три години, околку 1 милијарда долари во инвестиции се истурени во технологијата за женско здравје. И нема врска дека технолошката индустрија станала женска.

Се проценува дека „фемтек” пазарот до 2025-та ќе вреди околу 50 милијарди долари, но глобално, само 10 проценти од парите одат во стартапи што ги водат жени. Во Епл, жените на лидерски позиции се 29%, а 23% на техничарски позиции и речиси сите се бели. Ова не е ново, напротив - стандард е. А бидејќи фемтекот е насекаде деновиве, лесно е да се заборави дека кога дебитираше Apple Health во 2014-та, главниот софтверски инженер Крег Федериги на корисниците им кажа: „Можете да ги набљудувате сите вредности кои ве интересираат.” И цела година подоцна на ред стигна и водење на менструалниот циклус.

Денес во Apple Health можете да запишете менструални циклуси, телесна температура, состојба на матката и резултати од тестови за овулација. Тешко е за пратење и изгледа некако многу графиконски и академски.

Затоа има еден тон други, розевки апликации за следење добиено.

Бесплатни, поддржани од реклами, лесни за користење, па внатре внесуваш менструација, плодност, па те кани да водиш и дневник за исхрана, вежбање, сексуален живот, расположение, состојба на кожа, мирис на вагинален секрет и слични други работи што не ти текнало да ги ставаш во дневник. Често се со гличови и евтино изработени.

Сара Вахтер-Бочер, автор на Technically Wrong: Sexist Apps, Biased Algorithms, and Other Threats of Toxic Tech, изјавува дека сè уште се среќава со недоразвиеност и недостаток на инвестиции на апликации (и друго) што ги користат само, или најчесто жени.

„Да добро, Епл додаде и следење на менструација, ама се забележува таа непосветеност. Сè уште треба да користиш надворешни апликации за следење на женското здравје.”

Апликации за добиено има уште откако постојат апликации, но не процветаа додека не се појави Glow - поддржана од Макс Левчин од Пејпал и уште четворица други мажи - во 2013-та, со заработка од 23 милиони долари во првата година и стана јасно - менструалниот циклус е супер шанса за бизнис.

До 2016-та, се појавија толку многу избори, опкружени со недостаток на кохерентни информации, што истражувачи во медицинскиот центар на Универзитетот Колумбија, тргнаа да го прочешлаат целото поле. Прегледале 108 бесплатни апликации и заклучокот е следниот:

„Повеќето бесплатни апликации за смартфон, за следење на менструалниот циклус даваат неточни резултати. Многу малку од нив се врз основа на медицинска литература или во консултација со професионалци.”

Додаваат и дека тоа „многу малку” е околу 5 проценти.

Апликацијата Clue, основана од Ида Тин во Берлин е одговор на овие податоци. Научно е поддржана (па и опседната со наука) и има сериозен, докторски блог на тема женски прашања. Се појави во истата година со Глоу, но имаше потреба од уште неколку години сериозно финансирање (што го обезбеди Нокиа во 2016-та). Денес Глоу има 15 милиони корисници, а Клу има 10 милиони. Има и многу други опции, ама овие се топ 2.

И сè уште не се за жени.

„Дизајнот на овие алатки често не ги опфаќа сите женски потреби. Вметнати се цврсти претпоставки што ги маргинализираат сексуалните искуства на жените,” објаснува Карен Леви, асистент-професор на Корнел. Нејзин е изразот „интимно следење”, со кое што го опишува прибирањето на интимни податоци од секој корисник на смартфон.

„Чинот на мерење не е неутрален,” пишува Леви. „Секоја технологија на мерење и класификација легитимира одредени форми на знаење и искуство, истовремено правејќи ги останатите форми невидливи.” На тој начин, апликациите за сексуални активности (а и тоа има во апликациите за добиено), „поедноставуваат крајно лични и субјективни искуства до степен на обични податоци.” За пример ја зема Глоу, каде што, покрај пратење на менструација, можеш да го запишеш и секој пат кога имаш секс, сосе позата во која сте биле за време на ејакулација.

До детали се оди и во Glow Nurture, варијантата за следење бременост, која меѓу другото бара од корисничките да логираат расположение, па овозможи контра апликација за партнерот, која па од него бара да приложи објективно читање на тоа расположение.

Апликациите за следење менструација се креирани за посебна, niche публика, со дизајн елементи од типот на облачиња, цвеќенца и божем моќен феминистички речник каде што нема потреба да го има и многу повеќе би користеле јасни медицински референци. Производ се на културата на Силиконската долина: најчесто креирани од мажи, врс основа на квантитативна метрика како број на интеракции и поминато време со нив.

Главниот заклучок е - профит. Анксиозноста е профитабилна. Стравот исто. Желбите исто. И ако имаш желба да забремениш, или страв од тоа, некој ќе заработи пари на тебе. Ако не, тогаш ич не се мачи да го следиш здравјето на апликација.

И онака нема поента.

15 ноември 2018 - 12:59