Жени што малтретираат други жени на интернет

„Тоа е баш премногу шминка како за на фудбалски натпревар.”

Имавме „Мајки што малтретираат други мајки на интернет”, и имавме (многу важно!) објаснување зошто тоа така бива. Ова можеби би било втор дел, ама не сме сигурни дали луѓето што ја гњават конкретно оваа мајка се исто така мајки, или се едноставно сељачишта, без разлика дали се родители или не.

Инаку, како што почнува и оригиналниот текст, без разлика што ќе ви кажат на интернет или во живо, нема правилно или погрешно време за носење шминка. Без разлика дали си без шминка на свадба или со сите можни контурирања и хајлајтери за на работа во библиотека - тоа е скроз твоја работа.

Е сега, со што се бавиме во моментов.

Кери Андервуд објавува селфи, облечена во спортска опрема и објаснува дека отишла да го гледа син ѝ како игра фудбал.

И вели вака:

„Од утрово сум фудбалска мајка (оној израз soccer mom, што се однесува на мајки што нонстоп ги разнесуваат децата по приватни часови, курсеви и утакмици)! Ладно е, но јас се топлам со @caliabycarrie (спортска линија што си ја рекламира)… децата беа одлични! Исаја даде два гола за неговиот тим… и уште еден за другиот. Еј, гол си е гол!”

Ништо спорно, нели?

Со тоа што за интернет тролови, сè е спорно.

„Тоа е баш премногу шминка како за на фудбалски натпревар,” ќе почне една сељанка, магично повикана да дава мислење за тоа кој како решил да изгледа.

(Патем, ако ви се чини статијава како дежа ви, ако. Има да се научиме дека некои работи не се наша работа. Особено кога се добро изведени)

Очигледно, жената на сликата има кармин, руж и вештачки трепки, и веѓите и се средени.

Па некој друг од загрижените ќе каже, „многу ја сакам, ама изгледа почнала со инекции и промени на лице прерано. Малку е пластична деновиве,” завршува со врвна медицинска поткованост.

За среќа, има и такви што главно коментираат „да се баталат троловите.”

Што е бескрајно важно во денешно време.

Скоро еднакво важно колку добри веѓи.

Е сега, ако на некој му е криво што Андервуд има добри веѓи, нека си седи во коментари на Инстаграм.

Ова за сите важи.

1 ноември 2018 - 00:00