Некои сакаат, некои не - и важното што и двете опции се еднакво валидни. Статистички, сѐ повеќе Американки се одлучуваат да родат подоцна во животот, ако воопшто одлучат да родат. Но, жените кои избираат да не одат по тој пат, мораат да се борат со културолошкото очекување, без разлика дали се работи за иритантни прашања „зошто не“ или безобразни коментари од типот „ќе се предомислиш“.
Џенифер Анистон
„Сирота Џен“ - шпекулациите дали е трудна или ќе затрудни или варијанти на темата полнат таблоиди со години - а нејзе ѝ е преку глава:
„Тоа огромно количество ресурси што се трошат во медиумите во моментот, за откривање дали сум трудна или не (по милијардити пат, ама кој да брои), укажува на заговарањето на една теорија дека жените се некако некомплетни, неуспешни или несреќни ако не се мажени со деца,“ напиша Џенифер Анистон во 2016 во Хафингтон Пост. „Еве што мислам на темава: Комплетни сме со или без партнер, со или без дете. Ние одлучуваме што е убаво кога се работи за нашите тела. Не треба да бидеме во брак, или мајки за да бидеме комплетни. Сами одлучуваме што значи нашето ‘среќни засекогаш’.“
Рене Зелвегер
Играше во „Бебето на Бриџит Џонс“, но за себе вели дека никогаш не се стремела да биде мајка.
„Никогаш не ми било амбиција. Не размислувам така. Немам очекувања од типот, ‘до 19 ќе направам ова, до 25 тоа’. Ги прифаќам работите како што доаѓаат и ако се случат, супер. Сакам само да бидам независна и да можам да се грижам за себе. Сѐ друго е попатно.“
Опра Винфри
Додека нејзините пријатели сонувале за деца, Опра сонувала да биде следниот Мартин Лутер Кинг Џуниор.
„Да имав деца, ќе ме мразеа. Ќе завршеа на исто шоу како моето, затоа што нешто во мојот живот ќе мораше да трпи, и најверојатно ќе трпеа децата.“
Лили Томлин
Томлин кај Џони Карсон уште во 1973 има кажано дека не сака да има деца, и тоа сѐ уште важи.
„А да, тоа е супер за некој што сака. Но тогаш не сакав, и драго ми е што немам деца. Господ знае што ќе направев со нив, сироти. Навистина сакам деца, но немаше да имам простор во животот да ги гледам. Многу бев инволвирана во кариерата и ќе морав да се откажам делумно од тоа затоа што немаше да сакам нешто да му фали на детето.“
Маргарет Чо
Чо не се ни труди да ги ублажи изјавите, па истото важи и за аверзијата кон раѓање.
„Кога гледам деца не чувствувам ништо,“ има кажано на перформанс во 2004. „Овулирам песок.“
Бети Вајт
Омилената американска баба воопшто не е баба, во случај да не сте знаеле.
„Многу сакам деца,“ изјави за Ентертејнмент Тунајт во 2015. „Проблемот е што децата растат во луѓе, а јас сакам животни повеќе од луѓе. Толку е едноставно.“
Види и: