Ликот и делото на Џулија Тофана се олицетворение на една морална дилема: во ера кога малтретирани жени немаат начин да се заштитат, животите им се во опасност и не можат да излезат од таа опасност (а нивните насилни сопрузи не се соочуваат со никаква казна) - ако можеш да им помогнеш, што ќе направиш?
За време на ренесансата, во ера на договорени бракови што не оставале простор за развод, единствениот начин да се излезе од несреќна заедница било смрт. Жените често со сила ги пикале во брак, без да смеат да се побунат, а откако ќе влезеле во тој брак, сопрузите имале комплетна контрола врз нив. И кога веќе не постоел закон што ќе ги заштити - одлучуваат да ги земат работите во свои раце.
За Тофана нема богатство од информации - родена е во 1620, во Палермо и можно е да била ќерка на Тофанија Д‘Адамо, жена погубена во 1633 заради убиството на нејзиниот сопруг Франческо. Тофана ја опишувале како многу убава, раскажувале дека поминала многу време со аптекари, била присутна кога ги правеле отровите и по некое време развила сопствен рецепт. Сепак, можно е и токму мајка ѝ, Тофана Д‘Адамо да го има направено отровот и да ѝ го има предадено рецептот. Почнала да го продава на жените кои биле во брак со насилни мажи, а и нејзината ќерка, Џиролама Спера била активен соучесник. По некое време го има раширено бизнисот во Неапол и Рим.
На Џулија ѝ било жал за сиромашните жени и најчесто го продавала отровот на жени заробени во нездрави и опасни бракови. Станала позната како пријател на намачената жена и заради тоа често ја препорачувале.
Отровот се давал во период од неколку дена за да се избегне сомнеж. Бил без вкус, боја и мирис, што го правело совршен за мешање со чаша вино или друга течност. Рецептот бил микс од арсен, олово и беладона - секоја состојка сама по себе отровна.
Вистинската генијалност на Џулија Тофана сепак лежи во маскирањето - отровот го ставала во пакување што личело на типичен женски производ за кој ниеден маж не бил заинтересиран, и што е поважно - не би се посомневал. Прво, продавала отров како шминка во прав. Жените можеле комотно да си го стават на маса, заедно со лосионите и парфемите без да привлечат внимание. Самата Аква Тофана била во шишенце со слика од Св. Никола.
Бизнисот конечно ѝ го откриваат папските власти, а ја издава муштерика што се предомислила. Купила Аква Тофана и ја однела дома, дури и ја ставила во супата на нејзиниот сопруг. Во еден момент ѝ паднало жал и го спречила, при што човекот се посомневал и ја присилил да ја каже вистината. Ја предал на полицијата во Рим (веројатно во тие моменти се сетила и зошто сакала да го труе.) и конечно признала и кажала дека Џулија Тофана го направила и ѝ го продала отровот.
Сепак, Тофана била толку популарна што народот ја спасил од апсење. Избегала во една црква, каде што ѝ било дозволено прибежиште. Кога се раширила гласина низ Рим дека ја затрула водата, полицијата со сила влегла во црквата и ја извлекла Тофана на испрашување.
Откако ја мачеле, признала дека убила над 600 мажи со нејзините отрови и тоа само во Рим, заедно со ќерка ѝ и уште три помошници. По смртта, телото ѝ го фрлиле преку ѕидот на црквата што ѝ дала прибежиште. Некои од клиентките исто така биле уапсени и погубени, а други соучесници биле фрлени во затворот на Палацо Пучи.
На крај, останува дилемата: Џулија Тофана - сериски убиец со над 600 жртви, или спасител и заштитник на над 600 жени?