Затворањето на Man Repeller е удар од зад грб и сѐ што не е во ред со новото време

Од овој блог сме имале повеќе статии. Често се наоѓал на иста бранова должина со Off Cafè, заради пристапот кон содржини што на светот му се чинат неважни, а се сепак составен дел од животот на жените, на луѓето општо, и колку и да се согласуваме со тоа дека во етер треба да се пуштаат сериозни, длабоки, суштинско-социјални приказни, факт е дека човек што ја отфрла потребата од разонодувачки, забавни и навидум “лесни” теми, дури и во ова грозно време, живее со главата во песок.

Man Repeller почнува со работа околу 2010, како личен блог за стил на Леандра Медин, сега Леандра Медин Коен. Името доаѓа од идејата дека можеш да се облекуваш како сакаш, а особено без никакво сочувство за тоа дали ќе му се допадне на спротивниот пол. Од личен блог со ваква girl power изјава, премина во медиумски џин, кој им овозможи платформа на еден куп млади и стари жени да ги споделат со светот своите уникатни правци на живеење, филозофии за врски, навики за храна, естетски инклинации за уредување дом, начини на кои биле обесправени, начини на кои победиле, проблематични пријателства, плејада од љубовни искуства, и низ сето тоа - мода, што од „како да се облечам“ премина во „секој аспект од животот во чекор со времето.“

Во меѓувреме, Леандра зборуваше за своите искуства во модната индустрија, за проблематичната врска со човекот за кого подоцна се омажи, за мачните, срцепарателни обиди да зачнат со сите непријатни детали, за успехот во проширувањето на нејзиното семејство, па потоа и за животот со нејзините две мали ќерки. Паралелно со тоа, животните премрежија на современата жена ги читавме преку тастатурите на стотици жени, во секакви бои и со секакви приказни, гледавме слики направени од врхунски фотографки и графички дизајнерки чија боја на кожа и етникум ни на крај памет не ни паднаа и читавме интервјуа со професионалки од секоја област кои често, нам како жители на географска област каде што природно нема расен диверзитет, ни беа „ново“ затоа што повторно, ги имаше во сите бои, дезени и сексуални ориентации.

И сега, Man Repeller (чија прва промена беше да се преименува во само Repeller, за да се носи со современите потреби за родова неутралност) се затвора затоа што „не се снашле во однос на интернетот денес.“

„Не покажале волја за диверзитет.“

„Станале млаки.“

„Не одговориле на потребите на читателите.“

„Не било тоа-тоа.“

Најголемите медиуми и модни блогови пуштаат колумни од размазени, освестени млади дами, кои кариерата ја почнале со „сон еден ден да бидат како Леандра“ или „Еден ден да се вработат во Man Repeller“, само за сега храбро да се одважат со „ја надраснав јас уште одамна, сега имитирам други луѓе.“

Последнава реченица баш вака и баш фројдовски ѝ има избегано на една колумнистка, што само покажува дека публиката не само што е размазена, туку и за директен атак го смета тоа што одреден медиум, најпросто кажано, си брка работа. Џабе им викаш дека ако не им е добро - можат да си одат, џабе им е објаснето дека ако кај тебе не добиваат галење на нивната совест, постојат, фала богу, милиони медиуми што ќе ги погалат и ќе ги штипнат за образ, потврдувајќи им дека нивната самобендисаност е оправдана.

Трагедијата на медиумските услови во кои живееме, лежи во тоа дека заради нечија донкихотовска потрага по траорност, преку глава им доаѓа на стотици луѓе со гласови што едно време биле пионери во начинот на кој денес ги гледаме работите.

Слепилото во овој случај се истакнува кога ќе ти текне дека Леандра, меѓу другото е сефардска Еврејка со корени од Блискиот исток, која живеела во Њу Џерси. Успеала својата естетика да ја преточи во нова дефиниција за женското искуство, нешто од кое историски жените „треба да се оградуваат“ ако сакаат да бидат сериозно сфатени од светот што го доминираат мажи. Без страв дека „видете колку убави чизми“ строго го исклучува политички-освестениот, критички-настроениот и самосвесниот дел од тебе. Бидејќи, простачки да ги поставиме работите, гледање фудбал, дискутирање коли и собирање на пиво на ниеден начин не ја поткопува сериозноста и професионалниот интегритет на еден маж. Ама ако си жена и сакаш да ти се чуе гласот, попаметно ќе ти биде да си ќутиш за „женски работи“.

Ова е комплексното наследство што го остави Man Repeller, и слично е со еден куп медиуми и гласови што се откажаа (или со сила ги откажаа) под притисок во последните неколку години.

Она што лути е дека не затворија во полн сјај, и со оставање спомен дека некогаш биле платформи што сведочат на современоста, туку опело им држат „освестени“ шарлатани што често и стилот на пишување им го должат, а сега во колумни се расфрлаат со „па и не беа нешто посебно“, или бетер - „потфрлија, не ги бива, време беше да си одат.“

Но, добро.

Интернетот е голем. Од милионите издржани социјални коментари, врвни политички анализи и драматични животни приказни нѐ делат неколку кликови.

Сигурни ли сте дека само со нив ви е доста?

-Јана

2 ноември 2020 - 10:44