За сите фанови на Кети Бејтс

За некои од нас, фасцинацијата со одредени актери се дели на два правци - кога си дете и ги мразиш затоа што биле негативци во филм, и кога престануваш да бидеш дете, а почнуваш да ги обожаваш - затоа што биле негативци во филм.

Без разлика што кога ќе помислите на Кети Бејтс, во глава ви слика од неа во комбинација со искршените нозе на Џејмс Каан, нејзината кариера не е составена само од (ингениозно одиграни) негативки. Имала и помали улоги, а сепак мајсторски изведени, како во „Титаник“, била дел од поголем состав (и успевала да се надвиши над сите) како во „Американска хорор приказна“, а играла и главни позитивни ликови, за кои заслужува не еден, туку седумнаесет Оскари одеднаш, како во „Долорес Клејборн“.

Забелешка на уредникот: Кој не го гледал „Долорес Клејборн“, сниман според нехорор на Стивен Кинг, одма, најодма снајдете се, и пуштете го. Од оние е, што после те држат уште три дена.

Венити Фер има феноменално видео (не сме истражиле дали е серија од слични вакви) каде што Кети Бејтс ја расчленува нејзината кариера и притоа споделува мудрости и раскажува искуства од нејзините 57 (!!) години на сцена и платно.

За првата улога, во првиот филм на англиски на Милош Форман ја плаќале 5 долари на ден.

На филмски сет ја донел Дастин Хофман.

Како проверува дали е стварно ангажирана, дали „ова стварно се случува?“

Ги прашува, „Може да ѝ се јавам на мајка ми?“

Ако имате 20 минути, и кафе пред вас, слободно поминете го тука.

Уживанција е да се слуша.

 

17 февруари 2020 - 15:24