Врската помеѓу стилот и менталното здравје

Облеката не е само прашање на мода или трендови - зборува за карактер, за моментално расположение, за самодоверба... Накратко, издаица е и стилот е тесно врзан со она што ни се случува внатре. Плус, влијае на тоа како се поставуваме пред светот.

Општо и за жал, се потценува влијанието на облеката врз нашето расположение и начинот на кој се перцепираме себеси, но науката вели поинаку.

Облеката како оклоп за самодоверба
Може е клише, ама постои вистина во изреката „облеката го прави човекот“. Има истражувања што покажуваат дека облекувањето во парчиња што ги доживуваме како моќни, елегантни, или професионални може значително да ни ја зголеми самодовербата и да ни помогне да се чувствуваме поспособни и поподготвени за предизвици. Ова се нарекува enclothed cognition – идејата дека облеката што ја носиме влијае врз начинот на кој размислуваме и се однесуваме.

Боите како терапија
Боите што ги избираме исто така знаат да играат клучна улога во нашето расположение. На пример, жолтата често се поврзува со среќа и енергија, сината со мир и стабилност, црвената со пасија и самодоверба. Истражувањата покажуваат дека изборот на бои може да влијае врз нивото на стрес и анксиозност, па дури и врз тоа како другите нè перципираат.

Личен стил како форма на терапија
Облекувањето може да биде форма на нега (на ментално здравје). Во моменти на стрес или депресија, изборот на омилената комбинација на облека може да биде мал, но моќен начин за подобрување на расположението. Модата се користи и како начин на враќање на себе, на преземање контрола на сопствените чувства и емоции, дури и бунт против негативните мисли.

Влијанието на комфорната облека
Се вклопува и удобната облека во теориите: Понекогаш, омилените хеланки или џемперот од пред сто години влијаат на тоа како се чувствуваме. Ваквите парчиња се особено корисни кога ти треба мир, познато чувство, удобност, затворање. 

Модата како средство за поврзување
Стилот има способност да нè поврзе со другите околу нас. Носењето облека која ја сакаме и во која се чувствуваме добро може да ни помогне полесно да комуницираме, да создадеме врски и да изградиме мрежа на поддршка – сè клучни елементи за добро ментално здравје. Или просто, да се најдеме со луѓе што се воодушевуваат на слични парчиња и додатоци.

На крај, личниот стил не е само прашање на мода, туку и важен дел од нашата ментална благосостојба. Следниот пат кога ќе застанете пред плакар, пробајте свесно да изберете нешто, наместо ради реда. Може ќе биде ново искуство.

9 мај 2025 - 11:06