Во тренд е естетика на „мафијашка сопруга“, ама со крзното што правиме?

Движењето почна од 28-годишната Кејла Тривиери, кога на ТикТок објави пост на шала, а не очекуваше дека ќе почне цел правец. Да се надеваме само дека ќе заврши брзо затоа што има нешто сељачко во него.

„Со чистата девојка се заврши, доаѓа ера на мафијашка сопруга… Има да носиме винтиџ крзно цела зима,“ вели во видеото. „Веќе гледаме гепард-принтови, светкаво, злато, гламур, крзно, тапирани коси,“ продолжува гласот, а на екранот има слики од Адријана Ла Серва и Кармела Сопрано.

Додека го правела видеото, мислела на повозрасни Италијанки, меѓу кои и баба ѝ, и оваа естетика го вклучува и животниот стил на жените во популарните мафијашки филмови и серии, со фустани што ја следат фигурата, кожа, крзно, огромни очила за сонце и нападен златен накит.

Тешко нас.

Тешко. Нас.

Некои се бунат дека бесправно се присвојува италијанската култура, или се глорифицира криминалниот стил на живот на мафијата. А други имаат проблем со самите аутфити - особено старите крзна што Тривиери ги спомнува во ТикТок.

Среќа што луксузните брендови се договорија дека не може веќе крзно, инаку и тие малку тигри што останаа ќе преминеа од загрозен во непостоечки вид. Крзното е контроверзно со години, а последниве години консензусот конечно се постигна дека е неетички и е линија што никој не сака да ја премине. Сепак, за винтиџ крзна од втора рака, линијата не е така јасна.

Сега интересот за половни крзна е дуплиран во споредба со 2020, со изговор дека е „и волкот сит и овците на број“:

„Ќе носиш крзно што ќе те топли и ќе трае засекогаш, а нема да придонесуваш кон индустриите што загадуваат и повредуваат животни.“

Ова е изјава на 23-годишна Гилда Чесни која има глупи изговори и зошто не сака вештачко крзно:

„Нема ништо од бенефитите на вистинското крзно. Направено е од пластика, не е биоразградливо и не трае ни одблиску долго колку вистинското.“

Може ли да се помириме дека фактот што не е биоразградливо го надоместува фактот што за да се направи не умреле 170 зајаци и лисици, САМО за да можеш ти на ТикТок да шеташ како mob wife, тренд што ќе заврши за 2-3 месеци и од април ќе носиш пластични неон менѓуши затоа што некој друг ТикТок така ти рекол?

Не се согласуваат сите дека старо крзно е етичка пракса - Пи Џеј Смит, директор на модни политики во Humane Society вели дека дури и носење половно крзно има штетни последици: стравот е дека ќе стане прифатливо да се носи крзно, што пак ја нормализира оваа непотребна практика во општеството.

 

„Невозможно е да знаеш дали крзното е користено или не,“ вели тој, „И ова може да доведе до уште убивање на животни, затоа што тоа носи уште пари.“

Калифорнија ја забрани продажбата на крзно во 2019, а законот стапи на сила на 1 јануари 2023. Одговорни беа за 25% од продажбата на целото крзно во САД.

Сега научници, иноватори и луѓе од бизнисот се фаќаат за работа да прават биолошко крзно од растенија, какво што користи Стела Макартни. Добива многу инвестиции затоа што е поквалитетно и поеколошко. Се прави од коприва и коноп, а резултатот е многу убедливо лажно крзно.

Ема Хекенсон од Collective Fashion Justice вели дека луѓето треба да размислат дали кожата на животно заклано за мода е нешто што би сакале да го носат. Има наследено две крзна кога починала баба ѝ.

„Ги носев како тинејџерка, свесна бев дека умреле животни за нив, но не обрнував внимание, и не сфаќав што пред светот значи фактот дека ги носам - и за носењето крзно и за мене.“

Кога почнала да ја истражува праксата, ги донирала во организација што ги праќа во центри за спас на животни. Сега служат за легла за животни, како кенгурчиња без мајка, на пример.

„На тие животни им е потребно нешто познато, крзнено и го добиваат тоа од овие крзна. Го гледам тоа како еден акт на балансирање,“ вели таа.

Се поставува и прашањето колку од новата „мафијашка жена“-естетика ќе влијае на купувачките навики. Живееме во време кога микро-трендови се појавуваат секој втор ден. Може да е видливо на ТикТок, а реалноста да покажува друго, може и да заврши за еден месец, а фала богу, не можат сите да си дозволат ни винтиџ крзна од десетици илјадници долари.

И не мора да се учествува во секој тренд. Особено не во очигледно сељачки трендови, само затоа што се трендови.

29 јануари 2024 - 12:31