Во свет, луѓето имаат поинакви проблеми од нашите

Или, што се случуваше во бјути индустријата и од што сè луѓето се вреѓаа.

Кај нас луѓето имаат проблеми со основни работи, (како на пример дека, за да бидеш регистриран онлајн на сајтот на УЈП, треба лично да отидеш таму) и кога ќе се загледа човек што претставува проблем таму некаде на запад, му доаѓа јаже да си купи.

Така на пример, The Cut ги сумира најдраматичните настани во индустријата за козметика и мода и… па во најмала рака, ич немаат врска со УЈП.

На пример, хаосот што го направи Beautyblender со пудрата

Ние како нација не можеме премногу да се потресеме за 40-те различни нијанси на пудра на Ријана, ама факт е дека девојчето засекогаш го смени пристапот кон инклузивност во козметиката. И откако Ријана ќе ги извади сите потребни нијанси од Шведска до Нигерија, колку треба да си глуп од 0 до Beautyblender да извадиш 32 нијанси, од кои само 4-5 се за кожа потемна од „медиум”? Се разбира дека луѓето не беа воодушевени. Па, од Beautyblender брзо-брзо рекоа нешто од типот „а бе, не бевме готови, не ни беа останатите темни доусовршени, па затоа.”

Насловната на Џиџи Хадид за Вог Италиа
(или, кога и народот ќе претера)

Во мај, Хадид се појави на насловната на списанието, во Долче и Габана и доста поцрнета, да речеме. Твитер не запре со тагување зошто да не се ангажира ете, потемна манекенка, наместо да се потемнува Џиџи Хадид на фотошоп. Дојде до таму, да Хадид мораше да објави оригинална слика од фото-сесијата за да покаже каква излегла од таму и дека не е крива што ја направиле како од Бразил за крајниот производ.

Ај ова, нека им биде. Него следното:

Кендал Џенер, која сега заедно со Џиџи Хадид е во категорија супермодел (после Синди Крафорд и тоа друштво, ви се верува?), во ноември, исто така за Вог, позираше за насловна со фризура што луѓето малце ги потсети на афро, па побрзаа да кажат дека ги потсетило на афро. Списанието објасни дека се работи за апдејт на едвардовска/Гибсон коса која одговара на периодот кој ја инспирира колекцијата што Џенер ја промовира. Не беа задоволни.

Лажните коментари кај Сандеј Рајли

Или ако ви текнува, текстот „Та не сме саде ние со нарачани коментари”, каде што ви раскажавме како еден бјути бренд си ги тераше вработените да оставаат лажни критики под нивните производи, со насоки што да пофалат, плус ноу-хау за како да сменат ип-адреса за да не ги откријат дека се вработени. Брендот, принуден да објасни, одлучи дека ќе рече „стварно им рековме така, ама да пишуваат за своите искуства.” И кај нас така, све од искуство пишуваат.

Косите околу Ким Кардашијан

Ова е да пукнеш. Кардашијан ја напнаа на социјални мрежи дека ѝ ја исправила косата на ќерка ѝ, и со тоа извршила напад врз нејзиното потекло како полу-црнче. Ким објасни дека детето сакало да ја испегла косата.

После тоа Ким се појави со плетенки, па бидна нападната дека присвојува црнечка култура (да потсетиме, мажена за афроамериканец, со три деца од него). Ким објасни дека детето сакало плетенки и сакало заедно да бидат со плетенки. Тоа што луѓето мислат дека она сега треба да ја седне ќерка ѝ и да и рече „Знаеш, мама, јас не смеам плетенки, затоа што јас и ти сме различна КУЛТУРА”, е нивни проблем.

Инстаграм модели што се преправаа дека се црнкињи

Точно така како што звучи: бели девојки се шминкаа со темни пудри и правеа карактеристични фризури за да изгледаат како да се од некоја од потемните раси. И ова беше тренд. Па ги закачија. И затоа што е стварно глупо, ако.

Џефри Стар се закара со сите

Може и да заслужува посебен текст за сите скандали што го пратеа во 2018-та, ама на кратко:

Со Кајли Џенер: на задоволство на широките народни маси, ѝ рече дека четките ѝ се прескапи, а се како од пазар. Па уште и ја праша зошто сè уште не се извинила што се толку скапи. Џенер го тргна од ПР-листа.

Со јутјуберите Лора Ли, Габриел Замора и Никита Драгон (со кои претходно се дружеше): Парче. Приказната е долга, главно престанаа да се дружат со него откако реши да не инвестира во нивните брендови затоа што им се глупи. Се удружија, правеа намиг, намиг на Твитер демек криво му е, а Џефри објасни многу од приказната во епскиот серијал на Шејн Досон посветен на него (гледајте ја тука, Досон е цар за овие работи), а фановите ги ставија неговите непријатели во ред.

Уште еден Јутјубер, Томас Халберт: Ликот несреќно се обиде да стекне публицитет со тоа што раскажа дека разговарал со Џефри и Џефри го кажал расистичкиот „збор на Н”. Џефри објави докази дека Халберт сакал да соработува, Џефри нејќел, па од таму и негодувањето и измислувањето трачеви.

Со Кет Вон Ди: Ја спукаа во 2016-та после 10 години дружење, ама оваа година беше кога Кет Вон Ди реши да биде домишљата па напиша „Кој Џефри?”, притоа почнувајќи лавина од коментари (помогната од Џефри) каде што се истакнува дека еден од нејзините кармини инспириран токму од него, сè уште се продава.

И така.

Се пријавивте во УЈП?

26 декември 2018 - 10:35