Во римската вила на Софија Лорен

Кога се земале со Понти, ѝ ја ветил најубавата куќа на светот.

Софија Лорен е на врвот меѓу иконите на 20-от век, заедно со Мерилин Монро и Брижит Бардо. Има добиено 50 награди, меѓу кои и Оскар за најдобра актерка (и тоа за неанглиско говорно подрачје), Златен глобус, Греми, БАФТА и Лорел. За разлика од колешките, Софија од нејзина 22-годишна возраст беше и остана во брак со продуцентот Карло Понти, до неговата смрт 50 години подоцна, а на прашањето дали повторно би се омажила, одговори: „Никогаш повторно. Би било невозможно да сакам некој друг.“

Летото 1964, фотографот на ЛАЈФ, Алфред Ајзенштад ја посетил Софија во нејзиниот дом во Рим каде што живеела со Карло и успеал да овековечи моменти од нејзиниот раскошен живот на филмска ѕвезда.

А не било секогаш така. Лорен е родена во растурено семејство, каде што татко ѝ одбивал да се ожени со мајка ѝ и ги оставил без поддршка. Ја оставиле да расте со баба ѝ и по пустошот на Втората светска војна, успеале да отворат паб во дневната соба и да продаваат домашен ликер од цреша. Нејзините браќа и сестри пееле и свиреле пијано, а таа служела и миела садови.

На 14 се пријавила на натпревар за убавина и му го привлекла вниманието на Карло Понти кој бил постар од нејзе 22 години. Шармиран од нејзината убавина и интелигенција, ја земал под свое и се оженил за неа седум години подоцна. Позната била и тогаш (а и сега) по остроумноста.

Во првите филмови е запишана како Софија Лазаро, бидејќи постоела шега дека нејзината убавина ќе го крене Лазар од мртвите. За нејзината фигура знаела да каже „сè што гледате се должи на шпагети“.

Кога се земале со Понти, ѝ ја ветил најубавата куќа на светот. И ова што го гледаме е вила од 16 век, со 50 соби, огромна гостинска куќа и голем имот околу.

 

 

4 јули 2023 - 14:39