Контроверзата почнува кога Хал Нидвиецки, уредникот на магазинот на Унијата на канадски писатели, Write, напиша статија која го бранеше правото на белите автори да создаваат ликови со малцинска или домородна позадина. Прашање на денови беше пред интернетот да му се качи на глава и да биде принуден да даде отказ. Унијата на писатели објави извинување за статијата, со зборовите „содржи длабоко расистички претпоставки“ за уметноста.
Еден друг уредник, Џонатан Кеј од списанието Walrus исто така мораше да се тргне откако твиташе за неговата поддршка за Нидвиецки. Во меѓувреме, телевизијата CBC го премести уредникот Стив Ладурантеј на друга позиција, поради сличен таков твит.
Не се бара внимателност само од уредниците. Минатата година, романописецот Лајонел Шрајвер испровоцира бура од реакции бранејќи го културолошкото присвојување обраќајќи се на Фестивалот на писатели во Бризбејн. На почетокот на годинава се случи ерупција и кога музејот Витни во Њујорк за биеналната изложба избра слика од Дејна Шуц, која го прикажува искасапениот труп на Емет Тил, четиринаесетгодишно момче од афро-американско потекло кое го убија двајца белци од Мисисипи во 1955-та. Многумина се бунеа што бела сликарка како Шуц го претставила тој трауматичен момент во историјата на црнците. Британската уметничка Хана Блек организираше и петиција да се уништи делото.
И други уметнички дела беа уништени. Вајарот Сем Дуран имаше дело, Scaffold, во чест на 38-те домородни американци погубени во 1862-ра во Минеаполис, но после жестоки протести на домородни активисти, со тврдење дека Дуран ја присвојува нивната култура, уметникот го расклопи делото и дрвото што го искористил го испрати на горење на гробиштата на Сјуксите во Дакота.
Што е културолошко присвојување и зошто е толку контроверзно? Сузан Скафиди, професор по право на Универзитетот Фордам го дефинира како „земање на интелектуална сопственост, традиционално знаење, културно изразување или артефакти од нечија култура без дозвола.“ Ова вклучува и „недозволено користење на танци, облека, музика, јазик, фолклор, кујна, традиционално лекување, религиозни симболи и др.“ од друга култура.
Присвојувањето алудира на кражба и процес на одземање на земја или предмети. Во случајот на културата сепак, она што се нарекува присвојување не е кражба, туку несредена интеракција. Писателите и уметниците се вклучуваат во туѓите искуства. Никој не поседува култура, но сите ја имаат, а со тоа имање на културата, човек наоѓа алатки да допре до други култури.
Критичарите на културолошкото присвојување инсистираат дека не им пречи културолошки ангажман, туку расизам. Сакаат да ги заштитат маргинализираните култури и да бидат сигурни дека таквите култури ќе зборуваат самите за себе, а нема да бидат видени низ очите на привилегираните групи.
Малку ликови се поважни за развојот на рокенролот од Чак Бери. Во ’50-тите, белечките радиостаници одбиваа да ги пуштаат неговите песни, категоризирајќи ги како „расна музика“. Потоа дојде Елвис Присли. Еден бел дечко што ги свиреше истите работи беше супер. Елвис го сакаа, а Бери и другите црни пионери ги игнорираа. Расизмот дефинираше кој ќе стане културна икона.
Но само замислете да не смееше Елвис да ја присвои таканаречената црна музика. Дали тоа ќе го предизвикаше расизмот или ќе ги искоренеше законите на Џим Кроу? Се разбира дека не. Требаше да се случи социјална битка – движењето за човекови права – за да дојдат промени. Таа битка не беше изградена на културна сепарација, туку на потребата за еднакви права и универзални вредности.
Кампањите против културолошкото присвојување ја откриваат променливоста на значењето на тоа што е расизам. Едно време беше барање за еднаков третман за сите. Сега бара ѕидови меѓу културите и одредување граници.
Но кој ги одредува? Секое општество има чувари, со улога да заштитат одредени институции, да одржуваат привилегии на одредени групи и да одбиваат некакви уверувања. Таквите чувари не ги штитат маргинализираните, туку моќните. Самиот расизам е еден вид чување, еден начин да им се забрани на расните групи да имаат еднакви права, пристап и можности.
Кај малцинските заедници, чуварите се обично самоназначени, а нивната моќ се потпира на нивната способност да дефинираат што е прифатливо, а што ги поминува границите. За себе го присвојуваат авторитетот да дозволуваат одредени форми на културен ангажман, а со тоа и да наметнат моќ.
Најмоќната форма на чување е религијата. Кога одредени верувања се сметаат за свети, никој не поставува прашања. Предизвикувањето на ваквите верувања значи богохулење.
Обвинувањето за културолошко присвојување е секуларна верзија на богохулењето. Наложува дека одредени верувања се толку многу важни за другите култури, што не смеат да бидат присвојувани од други. Ова е најјасно кај дебатата на сликата на Шуц, наречена „Отворен ковчег“.
Во 1955-та, мајката на Емет Тил побара објавување на фотографиите од искасапеното тело на нејзиниот син во ковчегот. Убиството на Тил и фотографиите одиграа голема улога за оформувањето на движењето за човекови права и добија речиси света димензија. Поради тие слики и Шуц ја започнува сликата.
Да се налага дека таа, како сликар-белец, не треба да ги претставува сликите од црнец кој страда е вознемирувачко колку и барањето на некои муслимани да се цензурира новата книга на Салман Ружди, „Сатански стихови“, поради некакви богохулења при претставувањето на Исламот. Всушност, и повеќе вознемирува од тоа, бидејќи, како што истакнува критичарот Адам Шац, кампањата против сликарката содржи зборови како „импликации дека постојат чинови на радикална симпатија и замислена идентификација, кои ги надминуваат расните граници“.
Пред седумдесет години, расистички радиостаници одбија да свират „расна музика“ за бела публика. Денес, антирасистички активисти инсистираат бели сликари да не портретираат црнци.