Во „Notes“ ни е најубаво да се исповедаме

Во време кога речиси секој агол од дигиталниот простор изгледа внимателно среден, полиран и подготвен за публика, најискрените реченици почнаа да се појавуваат на место што воопшто не е наменето за настап. Notes апликацијата, алатка создадена за лични потсетници и фрагментарни мисли, стана извор на неочекувана интимност.

Скриншотови од кратки исповеди, реченици напишани без интерпункција или со намерна несреденост, сè почесто се појавуваат на Инстаграм, Твитер и ТикТок. И баш затоа што се такви, незадолжителни, изгледаат најверодостојно.

Причината зошто ѝ веруваме на Notes повеќе отколку на класичните фидови е во контекстот. Не е „сцена“, нема алгоритам што наградува одреден тон, нема визуелен идентитет што мора да се одржува, нема публика што чека - текстот таму изгледа како нешто што не било наменето за нас. Кога го гледаме, чувството не е дека некој ни се обраќа, туку дека сме налетале на туѓа мисла. Оваа случајност создава доверба. Во култура каде секоја објава се доживува како потенцијален бренд-потег, исповедта од Ноутс изгледа како да е ослободена од калкулација.

Подемот на овој формат е и директна реакција на заморот од визуелната комуникација. Сликите, така филтрирани, естетизирани и поставени во познат визуелен јазик одамна престанаа да кажуваат целосни приказни. Од друга страна имаш текст во Ноутс, сиров, често граматички несовршен, демек напишан набрзина - а естетиката ја наоѓа во невниманието кон ритамот и формата.

Или, ако сакате - човечноста на пораката.

Особено кај помладите генерации, постои јасна свест дека фидовите се простор за перформанс. Дури и кога се зборува за ранливост, спакувана е во прифатлива форма,н но исповедта од Ноутс ја избегнува таа рамка. Интересно е и што овие текстови често се однесуваат на теми кои веќе се „прераскажани“ илјадници пати: замор, осаменост, несигурност, љубов. Но разликата е во начинот. Наместо да се објаснуваат, тие се бележат. Не се внимателно средена приказна, туку „нечиј интимен момент“, а луѓето многу сакаат да ѕиркаат во туѓи интимни моменти.

Публиката сè помалку верува на јасно артикулирани пораки и сè повеќе на фрагменти. Апликацијата Ноутс, иако технички приватна, станува симбол на нова јавна искреност. 

16 декември 2025 - 00:00