Во една култна винтиџ-продавница во Глазгов

Триесет и четири години, Starry Starry Night е скриена во една калдрмисана уличка во населбата Вест Енд во Глазгов. Зад зелениот екстериер и рачно исцртаниот знак има удобна, затемнета продавница со таван бојадисан во црно. И секогаш внатре ја има Ана Греам, сопственичката на оваа винтиџ продавница, застаната зад пултот, покрај витрина исполнета со украсни антиквитети.

Како сите слични, и овој простор е преполн од под до плафон - дури и самата соблекувална е направена од околните рафтови. Ана раскажува дека тоа што се гледа таму е само дел, и дека остатокот е расфрлан по магацини низ градот. Во нив има стари викторијански и едвардијански парчиња облека што ги продава на костимографи или колекционери, наместо на обичната јавност. Од таму пазарат екипите на Даунтон Аби, Пики Блајндерс и Аутлендер.

Во продавницата е од 1986, откако се вратила во Глазгов од ангажман во Њујорк.

Отпрвин, додека уште живеела во Лондон, почнала да собира сѐ повеќе и повеќе винтиџ, дури и да оди на аукции заради тоа. Кога се преселила во Њујорк, ги продавала уникатните парчиња што ги донела од Лондон, но не можела само со тоа да се издржува, па работела во Рубикон - ексклузивен дизајнер на авенијата Медисон, каде што се изработувала гардероба со „викторијански и винтиџ вкус“.

Потоа се враќа и успева во Глазгов да стане позната по облека и предмети главно од ’20-те и ’30-те, што често ги носи од Лондон, но кажува и дека од Лондон доаѓаат да купуваат кај неа, што значи дека едно парче знае да направи цел круг и пак да се врати во некоја продавница на Кингс Роуд.

Сепак вреди да се запамети нејзината филозофија за кариера - да правиш нешто што сакаш, и што ти дава „buzz“ во животот. Во нејзиниот случај, тоа е облека, „и тоа стара, што никогаш повторно нема да биде направена.“

А вие пријавете ако има вакви места по Македонија, помогнете малце. Не само за мода, да се потсетиме дека и ако купуваш стан, не мора сѐ внатре да биде ново.

12 ноември 2020 - 16:20