Вистината на Елен Деџенерис

Не е само нејзина, би требало да е сечија вистина. Односно, како што би рекло рипчето Дори, на кое Елен му го позајмува гласот: „Само продолжи со пливање”.

Лесно е да се одмавне со рака на мотивациони говори. Кога веќе толку луѓе намлатија пари повторувајќи ги истите работи што не важат за секого на истиот начин, а нивната вистинитост се губи зад површноста со која се кажани, на светот му доаѓа преку глава.

Сепак, говорот на Елен Деџенерис пред студенти од колеџ кој ѝ прави чест е од жанрот на оној на Џим Кери. Нема тука празни ветувања од типот „вие можете” и „вие ќе успеете, само платете карта за предавање”. Има гола вистина и безвременски изјави што се однесуваат исклучиво на следење себеси.

Нема некоја посебна филозофија, нема спиритуалност, нема божества, нема камен на мудроста. Има знаење кој си, што си, што ти е пасија и инсистирање на сопствениот интегритет.

Којзнае зошто ни треба толку време да разбереме.

21 февруари 2019 - 00:00