Можеби ќе дојде ден кога луѓето како мене нема да мораат да доаѓаат тука, да бараат основни права и нема да бидеме третирани со дискриминирачки изрази што се маскираат во религиозни слободи.
Со мојот сопруг сум 27 години и ни беше дозволено да се венчаме пред само 5 години. Тие 27 години растеме деца, имаме три. Најстaрото ни дојде кога немаше ни три години, едвај јадеше цврста храна, спиеше во фиока, живееше во дупка во едно од најопасните соседства во Њујорк, а неговите родители беа зависници од хероин. Имаа четири деца и мислам дека си ги сакаа децата, ама повеќе сакаа дрога и не можеа да се грижат за нив. Ние немавме намера да станеме родители, ова не беше исполнување на некаква желба што сме ја имале, туку беше затоа што ни пријдоа да нè прашаат дали ќе помогнеме и ние рековме да. Наскоро потоа, неговата мајка се предозираше и немаше кој да ја закопа, па ја закопавме ние. Татко му заврши во затвор и немаше кој да се грижи за ова детенце, па го земавме ние. И тоа беше најдоброто нешто што ни се случило. Тогаш бевме заедно само четири месеци, а тоа дете сега има 30 години и мислам дека ако го прашате во какво семејство растел, би рекол дека ќе ви раскаже за ЛГБТ двојките како родители и старатели.
Неколку години подоцна ни се јавија од агенција за посвојување од Тексас. Причината што ни се јавија во Њујорк не беше затоа што баравме да посвоиме, туку затоа што во 1990-те сфатиле дека има одредени деца што никогаш нема да бидат посвоени. Каде што условите за нивното раѓање, без никаква вина од нивна страна, очигледно биле тешки или проблематични за родителите што сакаат да посвојат - проблеми како ХИВ, или силување или инцест, понекогаш и неволност за меѓурасно посвојување. Она што го дознале овие агенции за посвојување е дека постојат ЛГБТ парови во градови како Њујорк кои би ги прифатели овие деца, не наместо хетеросексуален пар што би ги израснал, туку наместо варијанта никогаш да не бидат посвоени затоа што никој не ги посвојувал тие деца. И тоа сознание дека ЛГБТ паровите имале волја да ги преминат границите на разликите затоа што го искусиле тоа во сопствените животи, или дека биле помалку преокупирани или хистерични за нешта како ХИВ и било поверојатно дека можат да посвојат и покрај разлики во раса и религија, и дека имало можност тие деца што инаку не би имале домови - да имаат домови, поради тоа, на 10 јануари, 2001 дознав за мојата најстара ќерка, која беше родена само пет дена претходно, која немавме намера да ја посвоиме. Родена е во Тексас, како внука на американски војник, а мајка ѝ имала 14 години и не ни знаела дека е трудна. Играла кошарка и се пожалила на грчеви во стомак и се породила додека докторите ја спремале за операција на слепо црево. Ни се јавија затоа што никој друг не сакал да ја земе и така, 13 дена подоцна, јас и мојот партнер стоевме пред судија во Тексас во осум часот наутро. Нè праша, дали вие дечки ќе го растете детево, и ние рековме да и го финализиравме посвојувањето на лице место. Тринаесет дена откако се роди, ова дете беше дома во Њујорк со двајца родители што ја сакаат и ова дете сега има 19 години и е бруцош на колеџот Џон Џеј во Њујорк и е прекрасна млада дама што за малку немаше да има ни мајка ни татко.
Така што, вие раѓајте ги, ние ќе ги растеме.
Дали таа заслужи мајка и татко? Да, но заслужи и луѓе што ќе ја сакаат, што ќе ја пораснат и токму тоа е денес доведено во прашање.
За нашето трето дете ни пристапи истата агенција - бараа ЛГБТ родители затоа што знаеја дека тие ќе посвојат, кога веќе другите не сакаат. Значи поентата е дека кога дозволувате луѓето да дискриминираат, на децата им ускратувате добри мајки, татковци и семејства што ќе ги сакаат. Кога тоа го маскирате во „религиозни слободи“, едноставно им ускратувате дом што го заслужуваат. И овде сме затоа што администрацијата на Трамп даде зелено светло за такви дискриминирачки закони, што дозволуваат државно-финансирани агенции да дискриминираат против родители што не ги делат нивните религиски убедувања, што значи дека ЛГБТ лица и други религии нема да можат да посвојат, а од сето ова само децата ќе изгубат.
Стотици илјадници деца на кои им треба дом ќе бидат колатерална штета ако ги дозволиме овие дискриминирачки практики. А треба да се фокусираме само на она што е во најдобар интерес на децата и само тоа е важно. ЛГБТ паровите не се плашат од тој тест - родителите се родители, а добрите родители се добри родители. Не е важно како изгледаат и кого сакаат.