Ви фалат ли трилери од ‘90-ти?

Ако да, кажете драгичка. Имаме тука филм од 2019-та, чија екипа нема шанси да не била опседната со ‘90-ти. Или тоа, или се многу назад со материјалот, што некако ни одговара.

Во време кога немаше он-деманд и торенти, бевме принудени да гледаме сѐ што има на телевизија. Свиѓало - несвиѓало, и добро и лошо, никаква категоризација (Твин Пикс во 11 сабајле?!), ама едно нешто особено има оставено печат - ‘90-ти трилер!

Тој со Иди што сакаше да си го стави бебето во прежешка вода, па со киднапираното девојче што на крај излезе дека е џандарот-комшија, па со Лори што миеше раце со врела вода, па со Дерил што се заљуби во една ничим изазван и ја измалтретира...

Не блокбастери, туку телевизиски, со кои нашите скромни телевизии нѐ частеа понекогаш и 2-3 пати неделно во недостаток на поголем избор, и сите некако содржеа една слична нишка. Сега сѐ е претенциозно и често е добро, ама често и го исклучуваш на пола затоа што - Нетфликс.

За фанатиците на овој специфичен жанр има ново: Mad Mom.

Нели се гледа од сликата каков ќе биде!!!

Преведен како „Луда мајка“, снимен во 2019-та, со целиот прост шарм на трилерите од пред 20 години, плус отраканоста на новото време; онаков, Лајфтајм, претерано драматичен, повремено кринџ, а магично - добри глумци.

Да се разбереме, не ви ветуваме ни Shutter Island, ни Gone Girl, ни Seven.

Се знае што е ‘90-ти трилер.

Со страшна музика секогаш кога ќе се појави негативецот, со порив да викаш по споредните ликови  „А бе, не иди таму!“, со сѐ.

31 март 2020 - 00:00