Кога почна, и кога фативме да коментираме дека „тешко на тој што организира отварање на Олимписки игри после Пекинг 2008“, се најде и еден што рече „ама ова му личи на Париз.“
И реално - да - можеше да се чуе глобалниот восклик на секоја референца што се препознаваше од светски раширената француска култура. Нешто беше феноменално, нешто беше трапаво, нешто беше предолго - ама во основа, фин ентертејнмент за почеток на игрите.
Пекинг го спомнавме кога се подзбунија танчерките од Мулен Руж, во точката што требаше да биде до детаљ синхронизирана, ама па Пекинг во никој случај немаше да има драг квинс седнати на маса со намиг на Тајната вечера, за потоа брзо масата да се претвори во модна писта, во чест на вечната поврзаност на Париз со модата. Имаше тука некаде и алузии на сексуалната работа, тесно врзана со ноќниот живот на Париз, во чии бордели „се лечеле“ најголемите светски лидери во историјата, истите што често знаеле и да „предаваат“ вредности и традиција на своите народи.
Фантастично беше смислена инклузивноста и тоа баш таму, на таа маса, со моделите со протези, модели во разни бои, модели со штаки, па подоцна настап на знаковен јазик.
А можеа уште (а може и имаше, само не пофативме сè) - можеа сите актери што ги имаат надминато границите на Франција, можеше Квазимодо да го носи факелот малку и да му го даде на Реми Гајар, можеше Такси да прелета преку Сена испратено со громогласно Alert General!, можеше мускетари да играат брејкденс.
Но, добро, тоа ние кога ќе правиме Олимпијада на Плаја Виста ќе се правиме паметни.
Од тоа што го видовме, врвно доживување беше Марија Антоанета во придружба на метал, револуцијата, работилницата на Диор, островите што личеа на исечени делови од градините на Версај каде што се играа модерни танци и сѐ беше еден фин спој и симпатичен резултат на тоа како Французите организираат отварање.
Од трапавостите, изгледа тие розеви разгледници по кејот и луѓето во розево требаше да бидат La Vie en Rose… Некои сегменти како да беа предолги, а и како што пиша The Cut, на моменти, кога се спремале како да мозгале со „кажи уште некој француски термин што го знаат Американци“, па некој рекол „ménage à trois“, па „бутај таму кај библиотеката“.
И требаше Sверот (од „Убавицата и ѕверот“) некако да им ја покаже таа библиотека, ама добро. Како што рековме, направи си отварање, па мрчи.
Барем сегментот со револуцијата беше одличен.
За крај, откако му направија чест на најстариот жив француски олимпиец, затворија со величествен камбек на Селин Дион, која во последно време во медиуми ја има поради битката со болест што ја принуди да си ја прекине турнејата.
Се покажа мајсторски, и на интернет масовно ѝ се радуваат.
За сè друго, светот е очекувано малку фрапиран, за нешто темелно згрозен и главно навреден.
Ама Олимпијадата е во Париз, а Париз е Париз. Градот каде што во исто време функционирале и Дали и Хемингвеј и Луис Буњуел и Пикасо и Ман Реј, каде што жените почнуваат да носат панталони, и никој не е многу потресен околу изгледот на Тулуз-Лотрек.
Очекувавте ли поинаку?