Уличните продавачи во Барселона си направија сопствен бренд

После години продавање евтини копии на дизајнерски чевли и ташни, уличните продавачи на Барселона се здружија и направија колекција на патики под брендот Топ Манта.

 За разлика од еден претходен обид во 2017, кога пробаа да направат бренд со ставање лого на обувки увезени од Кина, овие патики се изработени во Аликанте во Шпанија и Порто во Португалија.

„Отсекогаш нѐ критикувале и нѐ гонеле што продаваме копии, но сега имаме сопствен бренд,“ велат за Гардијан.

Спектакуларното лансирање ги претстави патиките Анде Дем, што значи „одење/пешачење/шетање заедно“ на Волоф, јазикот што го зборуваат повеќето мантероси (продавачи), а се главно од Сенегал.

„Манта“ значи ќебе, и името е инспирирано од ќебињата на кои ги ставаат производите. И логото е со ќебе, но истовремено и бранови за да се рефлектира фактот што повеќето мантероси пристигнале во Шпанија после опасно патување по море во мали чамци на дување. Боите се инспирирани од Африка, а грубите ѓонови ги прават поспремни за работа на нерамни терени и скелиња, отколку за џогирање.

Ги дизајнирале група мантероси со помош на локалната архитектка и дизајнерка Сара Гонзалез де Убиета и графичката дизајнерка, Хелга Хуарез. За разлика од големите брендови што масовно произведуваат патики во сиромашни држави, Топ Манта се одлучиле за одговорно производство со цел да се оживее чевларската индустрија.

Досега имаат 400 пара, кои се продаваат за 115 евра по пар. Можат да се купат од кооперативна продавница во Барселона или онлајн. Целиот профит оди кон изградба на брендот и помош за продавачите и нивните семејства.

Шпанските закони ги осудуваат нелегалните имигранти на маргинално постоење: за да добијат легален престор, неевропските имигранти мораат да живеат во земјата три години, да докажат дека имаат редовна адреса минимум една година, дека учат јазик и имаат договор за работа исто така за минимум една година. За многумина, овие барања се многу тешки за исполнување, па остануваат во некаква меѓузона.

Со тоа што создава работни места за изработка и рекламирање чевли, Топ Манта успева на 120 мантероси да им обезбеди легален престој и има најдено работни места за 25-мина членови. Истовремено, нуди обуки за текстил и печатење, како и часови по јазик.

На прашањето зошто некој да купи Топ Манта, наместо Најки, Њу Баланс или Адидас, претставник на компанијата вели:

„Наместо да подржите мултионационален бренд што експлоатира очајни луѓе од земјите во развој, помагате заедница која е дискриминирана на сите можни начини. Помагате луѓето да станат легални и да работат за пристојна плата.“

10 јуни 2021 - 16:12