Џејн Биркин тука сме ја спомнале неколку пати - еднаш кога пишувавме зошто Џејн Биркин не носи Биркин, друг пат заедно со најавата за документарниот филм кој за неа го сними ќерка и, Шарлот Генсбур, исто и кај песната.
Макрон ја опиша како „француска икона“ и „комплетен уметник“, а француската премиерка рече дека „човек што надминува генерации“.
Сега да учиме малку историја.
Биркин и Генсбур беа заедно 12 години, но останаа пријатели откако се разделија и Генсбур (18 години постар од неа) продолжи да ѝ пишува песни. Ќерка им, Шарлот е наградувана актерка и пејачка.
Нивната врска често се опишува како бурна и Биркин има и пишувано за насилството меѓу нив двајца и за предизвиците со неговиот алкохолизам, во нејзините дневници од 2020 година. Сепак, редовно го бранела, особено кога една пејачка има кажано дека ја малтретирал. Долго по неговата смрт ја промовираше неговата работа. За нивниот животен стил, во едно интервју има кажано: „Не знам колку може да им е лесно на деца чија мајка е гола по списанија, а таткото пали банкноти од 500 франци. Се надевам дека нешто направив како што треба.“
Се разделуваат во 1981 и Биркин продолжува со пејачката и актерската кариера. Има работено и како манекенка и станува трендсетер, пред сѐ со ташната од Ермес во 1984, откако се нашла со тогашниот директор на Ермес, Жан Луи Дима и му се пожалила дека нема доволно големи ташни на пазарот.
Пред да го сретне Генсбур, била мажена за британскиот композитор Џон Бери, а нивната ќерка Кејт Бери беше фотограф за Вог, но почина во 2013 на 46-годишна возраст. Има трета ќерка со режисерот Жак Дуајон - Лу Дуајон.
Се има појавено во филмови како Blow Up (1966), Death on the Nile (1978) и Evil Under the Sun (1982).
Мена Ролингс, британската амбасадорка во Франција ја нарече „најфранцуската од британските уметници“.
Еве ја, со Ален Делон: