Историја на „Je t’aime… moi non plus“

Песната сте ја чуле. Можеби сте пропуштиле дека е од Серж Гензбур и Џејн Биркин. Ја викаат и најеротската песна на сите времиња.

Кога песната прв пат била објавена, во Ватикан се акнале од земја, во Америка ја забраниле, а најверојатно на неа се должи и репутацијата на француските мажи како неверојатни љубовници. Текстот е многу едноставен и не може да се доживее како што треба без да се слушне песната.

Затоа, прво да се потсетиме, па продолжуваме:

Превод тука.

А сега вака.

Гензбур прво ја снимил песната со Брижит Бардо која во тој момент му била љубовница - а била мажена за германскиот бизнисмен Гунтер Сакс. Во ’67, додека преживувала проблеми во бракот, Гензбур се вљубил во неа - и се согласила да излезат. Но, на дејтот, Гензбур толку се испрепадал од убавината на Бардо, што во моментот го изгубил целиот шарм и досетливост по кои бил познат. После дејтот, Бардо му се јавила и инсистирала да ѝ ја напише „најубавата љубовна песна што може да се замисли“, за да надомести за глупирањето. Следното утро, Гензбур има две песни по кои ќе се прослави: „Бони и Клајд“ и оваа што ја објаснуваме сега, во превод - „Те сакам, ни јас тебе“.

Откако ја чула втората, Бардо се упатила кон едно студио во Париз, заедно со Гензбур за да ја снимат. Тонецот од тоа снимање кажува дека за време на снимањето „Бардо и Гензбур имале жесток петинг“. Од петингот, песната стига на радио и сопругот на Бардо веднаш се заканува со тужба. Бардо го молела Гензбур да не ја објавува, па ја ставил во фиока. Прекинале да се гледаат, но таа сепак се развела. Подоцна, дозволила да се пушти нејзината верзија, дури во 1986.

Гензбур го снима филмот „Слоган“ во 1968 и таму се вљубува во колешката - младата англиска актерка Џејн Биркин. Го нервирала забраната за пуштање на „Je t’aime… moi non plus“ и рекол: „Музиката е многу чиста. Прв пат во животот пишувам љубовна песна и лошо поминува.“ Со Биркин, која е 18 години помлада од него, влегува во страствена љубовна врска и ја замолува да ја снимат заедно. Џејн има изјавено, „Пеев само затоа што не сакав никој друг да ја пее,“ и била импресионирана од изведбата на Бардо. Гензбур ѝ рекол да пее за една октава повисоко и тоа навистина ѝ го дава тој динстинктивен звук што ја прави многу поинаква од таа со Бардо.

Постојат гласини дека Гензбур и Биркин (а и Бардо исто) снимиле секс во живо и ги искористиле снимките за длабокото дишење што се провлекува низ песната - и Биркин и Гензбур го одрекуваат ова. Конечно ја пуштаат во февруари 1969 и инстантно е прогласена за навредлива. Многу европски радио-станици ја забрануваат пред 11 навечер - главно затоа што кулминацијата на песната симулира женски оргазам. Ватикан фрла анатема, заради што Гензбур го нарекува папата „најдобар ПР што го имале“. Станува меѓународен хит и покрај тоа што е забранета во Америка и почнува да гази на топ листи.

Кавери има од многу музичари, а кога Јуниверзал Мјузик го направија нивниот каталог достапен за симнување, верзијата со Брижит Бардо стана трета по популарност.

Еве ја и таа:

2 април 2020 - 00:27