Името на Шарлот е насекаде низ фестивалот. Актерката е претседател на ова издание и доби и награда за културолошкиот отпечаток што го има оставено на француската култура уште од раѓање. Истовремено, го промовира нејзиниот прв документарец, еден елегантен портрет на нејзината мајка што имаше премиера во Кан годинава, а во Франција ќе го пуштат на 27 октомври.
На емитувањето, Лоран Вале, ЦЕО на фестивалот ѝ се заблагодари што не ја надминала срамежливоста низ годините и што толку долго ја градела својата уникатност и убавина. Ова се поклопува и со настаните во филмот, каде што за односот со мајка ѝ, Шарлот вели, „И двете сме многу скромни кога сме заедно. И не знам од каде доаѓа тоа.“ Затоа и е тешка оваа вежба и за Генсбур и за Биркин, скромни, но јавни, понекогаш несигурни но спремни да го споделат својот однос со светот.
Поради себе и мајка си Шарлот и го прави документарецот: да се доближи до Џејн, да изјави љубов. Сепак, секој може да се поистовети со универзалните теми:
„Зошто учиме да живееме без нашите мајки? Како да некаква животна цел: да се ослободиш по секоја цена. Јас не сакам да се ослободам.“
Темата на односот мајка-ќерка не запира кај Шарлот и Џејн. Гледачот може да ја запознае и ќерката на Шарлот, Џо, која има 9 години и често е пред камера. Снимките од неа се вклопуваат во сликите што Франција ги има за Шарлот од дете, но гледајќи стари слики од Шарлот како дете и Џејн како заслепувачка икона од ’70-те, и двете го нарекуваат периодот „некој друг живот.“
Минливоста на времето, носталгијата и ударот што стареењето го има на физичкиот изглед се главни теми на филмот. Џејн вели дека, „во еден момент, веќе не се препознаваш себеси… Мислам дека доаѓам до момент кога веќе не ми е гајле. Најдобро е да се извадат очилата, затоа што така е сѐ замаглено.“
Филмот се врти и околу неспособноста на Џејн да фрла работи и нејзината потреба да се држи за убави спомени од минатото. Се бави и со леукемијата со која мораше да се бори и ненадејната смрт на нејзината ќерка Кејт Бери. Се нафрлаат и други теми, како нејзината хронична несоница, вината што ја чувствува за некои избори што ги направила и моменталната осаменост… Доверливата и интимна природа на филмот создава богат простор за гледачите да размислат и за сопствените животи.
Присуството на Серж Генсбур лебди над документарецот, а Шарлот ѝ дава на Џејн да ѕирне во Мезон Генсбур, во седмиот арондисман на Париз. Куќата во која живееле сите тројца ќе се претвори во музеј, со книжарница и пијано бар и на почеток на 2022 ќе стане првата институција посветена на францускиот музичар.
Шарлот споделува и симпатични моменти од животот со мајка ѝ во нејзиниот дом покрај плажата во Бретања: нејзината љубов кон кутриња, прошетки, успивање до доцна, пазарење на локалниот пазар… Ја открива силата на нивниот однос низ времето и просторот, како и восхитот што го имаат една за друга. И Џејн со солзи признава, „Беше застрашувачко дете. Чувствував привилегија што сум во твое присуство. Не беше тривијална работа.“