Тргни им ги пешкирите за резервирање лежалка

Фина идеја за на одмор.

На Редит има канал што се вика „Ситна одмазда“ и понекогаш се нудат фини, дури и сезонски решенија. Таман е сезона на одмори, па можеме нешто и од трач да научиме.

Веќе сме навикнати дека има луѓе што стануваат во 6 сабајле и фрлаат рандом пешкири по лежалка, за после во 9-10-11 раат да си дојдат и да си бидат на одмор. Што правиме кога пешкирите бескорисно стојат по неколку часа? И што правиме кога ќе им ги тргнеш?

Еден вели вака:

„Бев на одмор во ол инклузив хотел. Првиот ден, не можевме да најдеме лежалки до плажа или до море, ама добро, стигнавме попладне. Следниот ден одиме да најдеме место... И повеќето беа ‘зафатени‘ од пешкири. Најдовме празно место, ама забележавме и дека многу од лежалките се ‘резервирани‘ цел ден, а не се ни употребуваат.

Третиот ден решивме да тргнеме пешкири од две лежалки и да уживаме. Четири (!!!) часа подоцна, постар пар се појавува и се буни дека имале оставено пешкири и нè бркаат со помош на вработен.

Се изнервирав и решив секој ден да ги тргам пешкирите од секоја празна лежалка, па се враќав на балкон да го гледам хаосот. Многу луѓе се жалеа и до крајот на неделата веќе имаше знак дека ако има пешкири без луѓе, ќе бидат отстранети.“

Може на некој ќе му се најде.

9 август 2023 - 11:27