Трендови за ентериер што нè чекаат во 2020

Последниве неколку години се изнагледавме сјајни, бели кујни, лажни крзнени килими и многу, ама сериозно многу нијанси на розево. Сепак, деценијата завршува и со неа стиловите за уредување што ги донесе, па да видиме, што предвидуваат професионалците за 2020?

Вог интервјуира неколку дизајнери на темава и сите се согласни дека „миленијалското розево заминува”, исто и монохроматските загасени палети на сиво и беж, а наместо тоа, доаѓаат топли бои и дрвено. Не бива веќе со досадно, а комфорот во која и да е форма е приоритет.

Во 2020-та, добро дизајниран дом треба да личи како - да живеете во него. Кетрин М. Ајрленд ги отпишува „премногу сценираните” домови како излезени од каталог и вели, „Секогаш е подобро да се гледаат книги и други детали, кои ги канат луѓето да ги користат и на некој начин да реагираат на нив. Дизајнерите на галериите во Метрополитен музејот, Робин Стандефер и Стивен Алеш го гледаат крајот на „опсесијата со совршенство и тоналитет.” Уште еден популарен дизајнер, Тимоти Кориган очекува „еклектичен пристап кон дизајнот, со мешање различни стилови и периоди.”

 

Оддржливоста ја спомнуваат сите. Советуваат дека нема веќе користење на пластики и синтетика, туку благородни материјали, па дури и половни парчиња. Го викаат еко-свесно шик. Што е многу закон.

На пример, имаме вака:

Веќе ја видовме промената од сиво-беж кон боја и во 2020-та боите ќе станат и поведри и појасни. Ќе видиме употреба на антиквитети, уште помлади ќе ги купуваат како алтернатива на каталог-производи, со цел да креираат соби со карактер и индивидуалност.

-Тимоти Кориган

Богати, земјени тонови доаѓаат. Се радувам што ќе има длабочина на боја и текстура повторно. Имам архива од списанија од ’90-ти што се многу релевантни на моменталното расположение. Во тоа време се славеше и рустичен минимализам.

-Роберт Мекинли

Тапети се враќаат на голема врата. На луѓето им се допаѓа што можат да се изразат преку тапет. И зелено се враќа.

-Мартин Лоренс Булар

Доаѓа кафеаво, употреба на различни дрвени тонови во една просторија, но во комбинација со виолетово, бакарно, корално, модро, лимета и старо злато. Ќе личи на ’70-ти.

-Линда Боронкеј

Карактеристиките и фундаменталните геометрии на природните материјали, фигурата што ја имаат со дезени и прекрасен ритам на несовршености. Тоа дава едно богатство и неочекувана варијација. Ќе дојдат во мода карактеристиките кај природните материјали, на пример, зелен малахит и оникс, кој е природен, а гламурозен. Се враќа букле и дезенирана свила. Камења и легури, како старо сребро.

-Робин Стандефер и Стивен Алеш

извор 

31 декември 2019 - 12:34